Новата геополитичка состојба во Азија

301

Во индопацифичкиот регион живее половина од светското население, вклучително и двете најнаселени држави во светот – Индија и Кина. Во последните децении дојде до економска трансформација на споменатиот регион, поради што го привлече вниманието на светска интелектуална елита, особено онаа која се занимава со геополитичките истражувања.

Мајк Ауслин

Последен таков пример е д-р Мајк Ауслин со својот труд: „Новата геополитика на Азија: Есеи за преобликување на индопацифичкиот регион“. Авторот разгледува повеќе прашања на оваа тематика: повеќе клучни фактори кои го трансформираа индопацифичкиот регион, кинеско-американските односи и нивното влијание врз останатите држави во регионот, ривалството помеѓу Јапонија и Кина, прашањето за Северна Кореја, историјата на американската стратегија во Азија и слично.

Мајк Ауслин е критички настроен кон Кина и ја обвинува за агресивност и некооперативност со останатиот дел од светот. Според авторот, кинеско-американскиот судир за глобалната моќ ги влоши односите на Кина со Јапонија, Јужна Кореја, Тајван, Виетнам и други држави. Во однос на Северна Кореја, Ауслин го поставува застрашувачкото прашање: дали Ким Јонг-ун може да го контролира сопственото нуклеарно оружје? Ауслин е критичен и кон политиката на Индија во однос на жените. Според авторот, индиската држава се лишува од потенцијалот на милиони талентирани жени со што потенцијално ја отежнува пошироката улога на жената што може да ја има на глобално ниво.

Во својата последна глава, Ауслин хипотетички замислува една војна помеѓу Кина и Соединетите Американски Држави (која би започнала поради обидот на Кина за регионална хегемонија) и како би можел да изгледа овој воен конфликт.

Мајк Ауслин се занимава со истражувања на Азија во Институтот Хувер, при Универзитетот Стенфорд. Историчар по професија, специјалист за американската политика во Азија и геоплитичките прашања во индопацифичкиот регион.