Ништо не е свето за Коза Ностра

4729

Италијанската полиција уапси 11 припадници на сицилијанската мафија Ноче, меѓу кои се и водачите и високорангираните членови, кои организирале религиозен фестивал со цел да заработат пари, пренесува италијанскиот весник „Ла Република“. Во акцијата под назив „Седмото соседство“, при апсењето на членовите на кланот Ноче, кој е поврзан со Коза Ностра, учествувале 100 припадници на единицата за брзи интервенции. 

Во септември 2015 година, мафијата организирала локален фестивал во Палермо, под називот „Светото срце на Исус“, од кој заработката одела во џебовите на криминалната група. Целта на мафијата била да собере пари за семејствата на членовите кои се во затвор.

Локалниот свештеник ја затворил тамошната црква и не поднел пријава до полицијата, која се наоѓа на оддалеченост од околу 100 метри, бидејќи веројатно се соочил со закани, додека мафиозите го славеле лажниот фестивал. Тој, сепак, потоа признал дека бил под притисок на криминалците, додека бил испрашуван од полицијата.

Сицилијанската мафија Коза Ностра успеала да го врати влијанието во регионот, откако 130 нејзини членови биле пуштени од затвор, по што пак се впуштиле во криминални активности, според информациите на полициските служби. Десетина од мафијашите повторно се во водството на криминалните кланови.