Ништо не е свето за „Движењето“

327

Италијанското Министерство за култура соопшти дека ги избркало организаторите на кампот за обука на алтернативната десница поврзан со поранешниот советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Банон, од манастир од 13-от век во близина на Рим, пренесува „Њузвик“.

Кампот што бил основан со цел да обучува кадар што „ќе го брани Западот“, доби договор за закуп за манастирот во траење од 19 години, во февруари минатата година, но Министерството за култура одлучи оти постоеле нерегуларности при конкурирањето на организаторите на кампот за договорот, по што беа избркани.

„Њузвик“ наведува дека ова е голем удар за соработникот на Банон, Бенџамин Харнвел, кој планирал да вложи еден милион долари во проектот.

Група активисти од малото италијанско село Колепардо, во кое се наоѓа манастирот, веќе извесно време се обидуваа да ги попречат плановите на Банон за десничарска револуција во Европа. Околу 200 луѓе протестираа поради намерата на Банон да го претвори 800 години стариот манастир Трисулти во академија што ќе го создаде следниот бран на популистички политичари.

Незадоволните жители носеа пароли „Стоп Банон, слободна Европа“ и „Трисулти, европска земја“, нагласувајќи дека манастирот од 1204 година претставува „инклузивни идеи што не го исклучуваат остатокот од светот“.

Тие се обидуваа да го оспорат правото за изнајмување на манастирот по правен пат, врз основа дека намерите за академијата не соодветствуваат со целта за која е изграден верскиот објект. Тие посочуваа дека академијата ќе го трансформира местото кое симболизира мир во упориште на антиевропскиот национализам.

Во академијата, идните политичари треба да изучуваат филозифија, теологија, економија и историја, во одбрана на „основите на западната цивилизација“. Академијата Трисулти на тој начин би станала значителна културна иницијатива во полза на „Движењето“, политичкиот проект на Банон за поддршка на десничарските групи во Европа.

Фондацијата наречена „Движењето“ беше оформена со цел да му парира на „Отворено општество“ на мултимилијардерот Џорџ Сорос, односно за покренување „десничарска револуција“ во Европа. Брисел беше избран за седиште на фондацијата што треба да им помага на десничарските партии, преку изработка на анкети, политички совети, овозможување на пристап до податоци, организирање на кампањи на социјалните мрежи, како и во изборот на кандидати.

Згора, Банон ја финансира организацијата „ДХИ“ со седиште во Рим, чија цел е заштита и промовирање на „човековото достоинство врз основа на антрополошката вистина според која човекот е роден според ликот на Господ“. Организацијата има врски со дел од најконзервативните фракции на католичката заедница.

Поранешниот директор на екстремно конзервативниот интернет-портал „Бреитбарт“, Банон, е близок со лидерката на француската десница Марин Ле Пен, Британецот Најџел Фараж и со други „алтернативни десничари“ во Европа. М.Ж.

Стив Банон