Никој не дава помилувања како Трамп

550
Трамп одобри помилување за неговиот поранешен стратег Стив Банон (десно)

Како и неговите претходници, Доналд Трамп одобри низа помилувања во последните часови поминати на претседателската функција. Неговиот пристап кон помилувањата, сепак, го издвојува од останатите светски лидери, според „Вашингтон пост“.

Одлуките на Трамп се критикувани од експерти и од историчари, бидејќи на досега незапаметен начин, се однесуваат на неговите сојузници, семејството, пријателите и подрржувачите.

 – Ниту еден поранешен претседател не помилувал таков спектар на ликови кои се негови поддржувачи и кои биле вклучени во криминални дела поврзани со претседателот – вел Алан Лихтман, професор по историја на Американскиот универзитет.

Трамп даде помилувања за вкупно 73 луѓе, вклучувајќи ги неговиот поранешен стратег Стив Банон, раперот Лил Вејн и поранешниот градоначалник на Детроит Квами Килпатрик, но не одобри помилување за самиот себеси, што многумина сметаа дека би можел да го стори. Претседателот во заминување ги ублажи и казните на 70 осуденици.

Трамп не одобри помилување за основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, како ниту за поранешниот разузнавач Едвард Сноуден.

Масовните помилувања кои се однесуваат и на стотици затвореници одеднаш се забележани во Мароко, Романија, Виетнам, Замбија и во Зимбабве, како што наведува „Вашингтон пост“. Минатата година шест отсто од светската затворска популација била пуштена на слобода поради пандемијата.