Неуспешни итните разговори на ЕУ и Британија во Лондон

89

Без успех синоќа завршија итните разговори помеѓу Велика Британија и ЕУ за спорниот предлог-закон за поништување на резултатите од четиригодишните разговори за брегзит.

Европската унија побара од Велика Британија да се откаже од предлог-законот, но британската Влада на премиерот Борис Џонсон не го прифати тоа барање. Европската комисија соопшти дека започнува подготовки за нерегулирано излегување на Велика Британија од ЕУ, оценувајќи дека Лондон „крајно сериозно ќе го прекрши“ минатогодишниот договор доколку го усвои предложениот владин закон.

ЕУ смета дека британскиот нацрт-закон „сериозно ја нарушува довербата“ и дека Лондон сега мора да преземе чекори за нејзино враќање.

Официјални претставници на ЕУ и дипломати велат дека Унијата ќе преземе правни активности против Лондон, но, како што пренесуваат британските медиуми, тоа веројатно нема да биде преземено пред крајот на годината, кога истекува рокот за целосно излегување на Велика Британија од Унијата по преодниот период.

Британската Влада соопшти дека е посветена на договорот со ЕУ и дека целта на предложениот закон е само да разјасни некои нејаснотии. Неговата главна цел е да го зачува Мировниот договор во Северна Ирска од 1998 година, со кој се стави крај на децениското насилство.

Лидерите на ЕУ порачаа дека нерегулираното прекинување на односите со Велика Британија ќе предизвика хаос во снабдувањето во Европа и на глобалните финансиски пазари.