Нетанјаху стана премиер со најдолг стаж во историјата на Израел

244

Бенјамин Нетанјаху стана премиер со најдолг стаж во Израел, надминувајќи го, по дури 56 години, рекордот на таткото на нацијата Давид Бен-Гурион. Нетанјаху го почна првиот мандат на 46 години, со што стана најмладиот израелски премиер во историјата. Меѓу другото, тој е и првиот израелски лидер роден по формирањето на државата Израел во 1948 година, пренесува Би-би-си.

Најновата победа на Нетанјаху, на парламентарните избори во април, се претвори во неуспех, бидејќи не можеше да формира владејачка коалиција. Оваа задача ја доби од израелскиот претседател Рувен Ривлин, откако изгледаше дека за тоа има најмногу шанси, ако се земе предвид бројот на пратеници што го освоија десничарските и религиозните партии.

Поради ваквата ситуација, Нетанјаху распиша нови парламентарни избори за 17 септември, пред сослушувањето пред судот во октомври, по што израелскиот премиер може да биде обвинет за корупција. Меѓутоа, тој тврди дека не сторил ништо лошо и оти целиот случај против него е политички мотивиран.
Повеќето од неговите приврзаници сметаат дека тој добро управува со малата земја во нестабилниот регион и дека е заслужен за дипломатските пресврти и економскиот пораст на Израел. Од друга страна, критичарите наведуваат дека Нетанјаху со својот популизам ги демонизира политичките противници и арапското малцинство, како и тоа дека честопати на прво место ги ставал личните амбиции пред националниот интерес.
Лидерот на конзервативната партија, Ликуд, има репутација на непопустливост во однос на израелско-палестинскиот мировен процес. Иако делумно ги повлече израелските сили од Хеброн на окупираниот Западен Брег во 1998 година и поголемиот дел од градот ѝ го отстапи на палестинската управа, Нетанјаху е против формулата „размена на земја за мир“. Тој сега ветува дека во неговиот мандат повеќе нема да има евакуирање на еврејските доселеници, ниту пак на еврејските населби, а на Палестинците им порача дека нема да имаат држава во целосна смисла.

Од последните преговори со палестинското раководство, Нетанјаху се обидуваше и успеа да го потисне на маргините прашањето за израелската окупација на палестинските територии. Во таа стратегија, како што оценува „Франс прес“, доби голема помош од американскиот претседател Доналд Трамп. Долгогодишниот израелски премиер, исто така, успеа да воспостави сојузништва и да ги зајакне односите со арапските земји, нагласувајќи дека имаат заеднички непријател – Иран.
– Докажавме дека Израел, мала земја на работ од Блискиот Исток, може да стане голема сила во светот – порача Нетанјаху во минатонеделното интервју за израелските медиуми.

Тој ќе се соочи со голем предизвик од политичките противници, кои тежнеат да го сменат на претстојните избори. На прашањето дали Нетанјаху и Бен-Гурион може да се споредат, израелскиот професор по политички науки Шмуел Сандлер изјави дека тоа е многу тешко да се стори, бидејќи двајцата политичари владееле во различни периоди, како и поради статусот на херој на првиот израелски премиер.
– Творецот на државата секогаш ќе остане прв – додава Сандлер.