Нетанјаху и Ганц во натпревар за формирање на новата израелска влада

168

Бенјамин Нетанјаху и опозицискиот лидер Бени Ганц го започнаа периодот на ризични
политички пазарења по изедначените резултати на изборите во Израел што покажува дека ниедна страна нема јасен пат да формира коалиција.

Многумина Израелци се надеваа дека со овие избори нацијата ќе се извлече од
политичката криза. Според медиумите, партијата на Ганц освои 32, а партијата на
Нетанјаху 31 место во Кнесетот. Двајцата лидер ветија дека ќе формираат влада, но тоа ќе мора да го сторат во коалиција со помалите партии.

Нетанјаху сака да го прошири својот рекорден премиерски мандат со формирање на
коалиција со верските политичари и ултрадесничарските националисти. Тој не само што се бори за својот политички живот, туку и за неговата слобода затоа што е вмешан во три корупциски скандали чие сослушување ќе започне за две недели. Мнозинството во парламентот би можело да му обезбеди политички имунитет.

Во синоќешното обраќање, Нетанјаху порача дека неговата партија и десничарските
сојузници решиле да остане нивен лидер, но не е јасно како ќе формира влада. Тој го
откажа неговото присуство на генералното собрание во ООН за да ја реши домашната
политичка криза.

Од друга страна, Ганц кој е поранешен генерал, сака да коалицира со центристичките и левичарските партии, но и тоа не е доволно за парламентарно мнозинство.

Во средината е цврстиот секуларист Авигдор Либерман кој ќе одлучи кој ќе биде израелски пример. Тој побара формирање на секуларна коалициска влада на Ликуд на
Нетанјаху, Сините и белите на Ганц и неговата десничарска националистичка партија
„Израел е нашиот дом“ и потенцираше дека тоа е единственото решение. Неговиот план е да се исклучат верските партии, но Ганц може да го блокира тоа решение затоа што не сака да ја дели власта со Нетанјаху. Поради ова не е познато кој ќе биде премиер и дали ќе се подели четиригодишниот мандат.

Ганц предложи владејачката партија Ликуд да предложи друг лидер наместо Нетанјаху и во тој случај би прифатил коалициска влада која ќе ја спроведува волјата на народот. Ова би било драматичен потег за Ликуд која 10 години на власт го поддржуваше актуелниот премиер. Поранешниот градоначалник на Ерусалим, воедно и член на Ликуд, порача дека „никогаш нема да прифати луѓе кои сакаат да диктираат кој да биде нивен лидер“.

Клучна улога во формирањето на израелската влада може да бидат и политичарите од
алијансата на арапското малцинство која е трета најбројна партија во Кнесетот. Ајман
Одех, лидерот на најголемата арапска фракција во парламентот, изјави дека можно е да го поддржи Ганц, но ни тоа нема да биде доволно за парламентарно мнозинство.

Постојат големи шанси Ганц да формира коалиција токму со арапските партии. За
Нетанјаху, кој го окарактеризира палестинското арапско малцинство за петтоколонашко и закана за државата, таа опција е „незамислива“. За да ја добијат поддршката на десничарите и доселениците, двајцата лидери ќе ја продаваат идејата за експанзионистички Израел кој ќе ги прошири своите граници длабоко во палестинската територија. Нетанјаху вети минатата недела дека една третина од окупираниот Западен брег ќе ја прогласи за израелска, ако биде повторно избран за премиер, а Ганц го обвини дека му ја украл идејата. Израелскиот претседател изјави дека ќе стори сè што е во негова моќ да избегне нова изборна кампања, но отворена е опцијата за трети избори во јануари ако ниеден лидер не успее да формира влада.