Нетанјаху во борба за политички опстанок по изборите

125

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, се бори за политички опстанок откако излезните анкети за изборите одржани вчера укажуваат на тесна трка и можност за крај на спиралата на моќ на израелскиот лидер кој на власт е една деценија.

Главниот противник на Нетанјаху, Бени Ганц, денеска изјави дека според излезните анкети се чини дека лидерот со најдолга власт во Израел е поразен, но дека сепак треба да се почекаат официјалните резултати.

Нетанјаху не прогласи победа или пораз, но рече дека ги чека резултатите во обраќањето во својата десничарска партија Ликуд.

Неговото неуспешно формирање на влада по изборите во април доведе до уште едни избори кои се одржаа вчера.

Поранешниот командант на израелските вооружени сили, пред својот центристички сојуз Сино-бели порача дека по сѐ изгледа ја исполниле својата цел и вети дека ќе работи на формирање влада за национално единство.

-Се чини дека Нетанјаху не успеа во својата мисија да освои петти мандат – изјави 60-годишниот Ганц.

Официјалните резултати од изборите би можеле да бидат познати за повеќе од една недела, но како што ќе бидат објавувани делумни резултати, така и целосната слика ќе станува појасна.

Партијата Ликуд треба да добие меѓу 31 и 33 места од вкупно 120 во израелскиот парламент, а центристичкиот сојуз Сино-бели меѓу 32 и 34 места. Ниту една партија нема доволно поддршка за добивање 61 место во парламентот, потребни за формирање влада.

Поранешниот министер за одбрана Авигдор Либерман, претседател на десничарската партија Израел Бејтину, што би можела да биде пресудна во формирањето на новата израелска влада, синоќа повика на формирање влада за национално единство која би ги вклучувала партиите на Нетанјаху и Ганц.

-Имаме само една опција, а тоа е да формираме широка и либерална влада за национално единство во која би биле вклучени Израел Бејтину, Партијата на сино-белите и Ликуд – рече Либерман.