Нередовната вакцинација го загрозува глобалниот имунитет

50

Потребни се две дози на МРП-вакцината за да ги заштити децата од мали сипаници (морбили). Најновиот извештај на УНИЦЕФ констатира дека 2,5 милиони деца во САД и 169 милиони деца во глобални рамки ја пропуштиле нивната доза во периодот од 2010 до 2017 година, јавува Си-ен-ен.

Во просек, тоа се 20 милиони деца годишно, кај кои е зголемен ризикот за зараза од болеста која потенцијално остава сериозни долготрајни последици по здравјето, а некогаш резултира и со смрт.

Високите бројки на невакцинирани деца предизвикаа појавување на големи епидемии ширум светот, од земјите во кои има богато население и пристап до здравствена нега во Америка и Европа, до земјите во кои живее население со просечни примања во Азија и во Африка.

Како резултат на ваквата практика, во 2017 година морбилите се причина за смрт кај 110 илјади луѓе глобално, најчесто деца, според извештајот на УНИЦЕФ, што е зголемување за 22 отсто на смртните случаи од претходната година.

– Ако сме сериозни во спречувањето на ширењето на оваа опасна, но болест што може да се спречи, треба да го вакцинираме секое дете, и во богатите и во сиромашните земји – рече извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Фор.

Анализата на УНИЦЕФ е основана на податоци од Светската здравствена организација (СЗО) за проценките за покритие на национална имунизација од 194 земји во 2017 година.

Истражувањето покажува дека недостатокот на пристапност на вакцините, слабите здравствени сиситеми, незаинтересираноста и стравот од вакцините заеднички предизвикале кон ексалацијата на проблемот и појавата на епидемиите на морбили.

– Повторната појава на болеста е причина за сериозна загриженост, особено во земјите каде претходно оваа болест беше целосно искоренета или на праг на елиминација. Ризикуваме да загубиме многу години напредок во напорите за заштита на децата и заедниците против оваа опасна, но болест која може да се спречи – рече заменик-директорката на програмите во СЗО, д-р Соумја Сваминатан.

На глобално ниво, покриеноста со првата доза на МРП-вакцината била 85 отсто, десет отсто помалку од неопходните 95 кои се потребни за превенција на епидемии и зголемување на заедничкиот имунитет на заедниците. Глобалното покритие со втората доза било уште пониско, само 67 отсто, пренесува Си-ен-ен.

Извештајот на УНИЦЕФ дополнително констатира дека глобалната криза со малите сипаници продолжува и во 2019 година. Од јануари до март, проценките се дека се регистрирани повеќе до 100 илјади случаи на болеста на глобално ниво, зголемување од 300 отсто од истиот период лани.

Во март годинава, уште една студија покажа дека МРП-вакцината за мали сипаници, заушки и рубеола не го зголемува ризикот за аутизам и не ја активира состојбата кај оние каде што постои ризик негова појава.