Непријателите на демократијата се пријатели на Трамп?

535

Унгарскиот премиер Виктор Орбан практично се претвори во персона нон-грата во рамките на Европската Унија, поради неговото растурање на демократските инстуции, суровиот третман на азилантите и анти-семитистичките провокации. Но, денес тој ќе биде примен во Белата куќа од претседателот на САД, Донад Трамп, кој, според ставот на „Вашингтон пост“, се чини дека претпочита сурови автократи слични на Орбан, во однос на либерални и демократски лидери кои во минатото беа најблиски сојузници на САД.

Средбата во Овалната канцеларија ќе биде триумф за Орбан, кој со право беше избегнуван и политички игнориран за време на мандатите на Барак Обама и на Џорџ Буш помладиот. Според американскиот весник, токму унгарскиот премиер правел силен притисок врз опозициските медиуми, ги елиминирал независните судови, исфрлил престижен американски универзитет од Будимпешта и користел говор на омраза против муслиманите и во некоја поблага мера кон Евреите. Поради овие драстични политички одлуки, во март, партијата на Орбан беше суспендирана од Европскиот Парламент. Сега, во пресрет на изборите во оваа европска институција, Орбан може да се пофали со директна поддршка од Трамп.

Официјалните лица од САД ја претставуваат „рехабилитацијата“ на контроверзниот унгарски лидер како дел од обидите за негово оддалечување од Русија и Кина, со кои неговата влада изгради неверојатно блиски односи. Но, поставувањето на амбасадорот Давид Корнстајн во Унгарија од страна на Трамп, го покажува интересот и тактичкиот однос на САД и на американскиот претседател кон Орбан.

– Познавајќи го американскиот претседател добри 25 или 30 години, тој би сакал да ја има ситуацијата која ја има Орбан, но не е така – рече Корнстајн во едно интервју.

„Ситуацијата“ за која говори Корнстајн всушност вклучува девет последователни години на власт, благодарение на сомниелно спроведени избори, поставување на ограда со бодликава жица на јужната унгарска граница за превенирање на влез на мигранти и артикулацијата на идеологијата на „нелиберална демократија“, чија експлицитна цел е да го задржи белиот христијански идентитет на Унгарија. Изминатата изборна кампања на Орбан беше конципирана со тврдењата дека милијардерот со унгарско потекло Џорџ Сорос, кој е Евреин, креирал заговори за да ја преплави земјата со муслимански мигранти.

– Се бориме со противник кој е различен од нас. Противник кој не е отворен и се крие, не е директен, но спретен. Противник кој не е чесен и не верува во работа, а шпекулира со пари – рече Орбан.

Афинитетот на Трамп кон Орбан е поддржан и од неговата администрација, чиј однос константно се влошува со традиционално блиските сојузници на САД, како Германија и Франција. На истиот ден кога Белата куќа ја најави посетата на Орбан, државниот секретар Мајк Помпео ненадејно ја откажа средбата со германската канцеларка Ангела Меркел.

– Во време кога центристичките партии во Европа се соочуваат со силен отпор од десничарските партии и нивната растистичка и авторитарна агенда, САД треба да направи се што е во нивна моќ да ја поддржи либералната демократија, особено во оние делови во Европа каде таа е навистина нестабилна. Наместо тоа, Трамп со зголемена храброст, застанува на страна на непријателите на демократијата – завршуваат од „Вашингтон пост“.