Неправедно осуден Американец ја дочека слободата по 11 години зад решетки

190

Во 2008 година, Рубен Мартинез Помладиот беше осуден на 47-годишна казна затвор за серија оружени грабежи, и покрај тоа што бил на работа кога биле извршени две од злосторствата. Единаесет години подоцна, тој конечно ја докажа својата невиност пренесува Си-ен-ен.

Мартинез беше ослободен месецов, откако отслужи 11 години од неговата казна. Судијата од вишиот суд во округот Лос Анџелес, Вилијам Рајан, ја поништи осудата на Мартинез, трајно го ослободи од затвор, го отфрли случајот и го прогласи за невин за злосторствата за кои беше осуден.

– Оваа затворска казна не ја одлежав сам. Моето семејство исто така одлежа 11 години со мене. Немаше да можам да издржам сам. Господ ми даде сила да издржам – рече Мартинез на прес-конференција.

Мартинез и неговата сопруга Марија постојано инсистираа дека тој не е вооружениот разбојник кој пет пати ја ограбил истата продавница за автомобилски делови во Лос Анџелес, во периодот меѓу 2005 и 2007 година.

– Единственото нешто што му беше важно на мојот сопруг беше да се открие вистината. Вистината конечно е откриена и тој е слободен човек – изјави Марија Мартинез пред новинарите.

И покрај тоа што Мартинез бил на работа кога се случиле две од злсоторствата, сведок го идентификувал како сторител и тој беше осуден во 2008 година по девет точки за грабеж од втор степен. Исто така, не постоеле физички докази кои би го поврзале со злосторствата.

На Мартинез му беше судено втор пат, откако неговото прво судење беше поништено. Двајцата сведоци кои сведочеле дека тој не е ограбувачот не биле повикани на второто судење.

Окружната правобранителка Џеки Лејси пред новинарите изјави дека нејзините истражувачи пронашле нови информации кои го потврдуваат алибито на Мартинез. Таа истакна дека алибито не било целосно претставено на судењето.

– Тие вложија многу голем напор да ги пронајдат сведоците и откријат евиденции за вработување и наплата што потврдија дека Мартинез не можел да ги стори двете кривични дела, за кои било јасно дека се дело на истиот сериски ограбувач – потенцираше Лејси.

Лејси истакна дека грабежите биле извршени од иста личност, која не е фатена, така што Мартинез е невин и за тие злосторства.

Таа нареди Мартинез да биде ослободен на први ноември и тој беше ослободен четири дена подоцна.