Нема решениe на повидок за бескрајната војна во Либија

119
Либискиот град Сирт деновиве прерасна во нов фронт меѓу турската и руската зона на влијание

За последните случувања во либискиот град Сирт западните аналитичари велат дека конфликтот во Либија низ годините се претворил во индиректна војна на големите моќници за нивните геополитички интереси, додека Европа, која се најде во средината, е немоќна да најде политичко решение за кризата

Граѓанската војна во Либија, која беснее уште од 2011 година, кога впрочем беше соборен и либискиот лидер Моамер Гадафи, сѐ уште е далеку од мировно решение, а периодов добива и нови карактеристики на меѓународен конфликт. Имено, либискиот град Сирт, кој е стратегиска точка за главните нафтени постројки, деновиве прерасна во нов фронт меѓу турската зона на влијание на запад и рускиот регион на исток. Западните медиуми пишуваат дека градот Сирт во моментов е клучното боиште во конфликтот во земјата, бидејќи Либиската национална армија (ЛНА) на Халифа Хафтар ја контролира областа кон исток, додека од другата страна на запад меѓународно поддржаната Влада на националната согласност (ВНС) од Триполи притиска за заземање на важните нафтени постројки и позиции во градот.

Порталот „Индекс“ наведува дека по четиринаесетмесечната офанзива на ЛНА за преземање на главниот град Триполи, која во исто време е поддржана од Русија, Египет, Франција и од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), пропадна на почетокот на јуни. Причина за ваквиот исход, како што наведува „Индекс“, е жестокиот воен одговор на актуелниот премиер Фаиз ал Сараџ, кој е на чело на Владата на национална согласност (ВНС) во Триполи и истовремено е поддржан главно од Турција и од Катар. Тој во неколку наврати изминатиот период во своите изјави истакна дека нема да потклекне на притисокот на Либиската национална армија за главниот град и јасно стави на знаење зошто Турција воено интервенира во земјата, порачувајќи дека Анкара нема мирно да набљудува како платениците што ги поддржува Русија му помагаат на генералот Халифа Хафтар.
Во меѓувреме, додека Европската Унија и покрај сѐ се обидува да посредува околу прекин на огнот во Либија, според експертката за Либија од Меѓународната кризна група, Клаудија Газини, речиси нема шанси за успех за мировно решение на конфликтот.

– Во сегашната клима прашање е дали еден мировен самит може да доведе до крај на непријателствата во Либија. Освен тоа, генералот Хафтар не е подготвен на преговори и сака по секоја цена да ја задржи моќта. Воениот лидер сака да ја продолжи војната и ќе го прави тоа сѐ додека има воена помош од своите сојузници – вели Газини за „Дојче веле“.
Како што наведува влијателниот германски медиум, покрај геополитиката, и идеологијата има голема улога во мрежата на воени сојузи во земјата. Истовремено, според „Дојче веле“, зад странското вмешување во конфликтот во земјата се разбира дека стојат геополитичките интереси на поголемите и помалите сили, при што особено значење имаат големите наоѓалишта на нафта и природен гас за кои деновиве се водат жестоки битки.

Според порталот „Јуроњуз“, Русија се надева дека ќе добие големи бизнис-зделки, вредни повеќе милијарди долари, кои ги загуби по соборувањето на Гадафи, поради што таа сѐ уште не ги напушта позициите и политиките во земјата и по повеќегодишната граѓанска војна. Од друга страна, за турскиот претседател Реџеп Ердоган, пак, Либија се чини пред сѐ е уште е една арена каде што може да се бори против Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Египет, сите сојузници на Хафтар за превласт во регионот.
На сето тоа, аналитичарите предупредуваат дека мировната конференција што на почетокот од годинава се одржа во Берлин, пред појавата на пандемијата на глобално ниво, по иницијатива на германската канцеларка Ангела Меркел, била една од последните шанси за постигнување примирје во Либија, која е разурната од повеќегодишната фракциска војна, која, пак, доведе до голем бегалски бран во Европа.