Нема враќање назад за одлуката по барање на Украинската црква за отцепување од руската

278

Висок претставник на Православната црква изјави денеска дека „нема враќање назад“ со одлуката за давање автокефалност за Украинската православна црква и целосно отцепување од Руската православна црква. 

Митрополитот Емануел од Франција кој е член на Комисијата за украинското прашање, изјави дека претстои само конечниот чекор од процедурата. Изјавата ја даде за време на средбата во Истанбул меѓу Вселенскиот патријарх Вартоломеј и Патријархот на Москва и цела Русија, Кирил. 

– Вселенскиот патријарх Вартоломеј потврди лично на средбата со Кирил дека одлуката на Вселенскиот патријарх е донесена и нема враќање назад, изјави Емануел.

– Ќе ја следиме одлуката и ќе ја спроведеме, додаде тој.

Според него, процедурата е во последна етапа, но останува уште работа што ќе биде координирана од Вселенскиот патријарх. 

Украинскиот претседател Петро Порошенко презеде кампања за убедување на Вартоломеј да прифати барање на украинските духовници. Според украинските политичари декларацијата за отцепување од РПЦ позната под името „Томос за автокефалност“ е клучен чекор кон зацврстување на националниот идентитет.

Руски политичари сметаат дека тоа е напад врз единството на православните, и се борат за зачувување на контролата на РПЦ врз украинските православни верници.

Западни медиуми оваа недела јавија за кампања на руски хакери врз клучните советници на Вартоломеј.

Според руски медиуми, средбата меѓу Патријархот Кирил и Вселенскиот патријарх Вартоломеј била посветена не само за украинското прашање туку и за други прашања од меѓуцрковните односи.