Немам доверба во никого, не сакам Украина да биде пион на големите играчи

416

Украинскиот претседател Владимир Зеленски зборува за Доналд Трамп, Владимир Путин и за поделената Европа

Автор: Сајмон Шустер

Тајм

Откако поминаа речиси шест месеци од неговиот мандат како претседател на Украина, Владимир Зеленски веќе научи како да скроти очекувањата. Тој не очекува дека со првата рунда на мировни преговори со Русија, кои се закажани на 9 декември во Париз, ќе се стави крај на војната која уште беснее по заедничката граница, повеќе од пет години. Ниту очекува премногу од неговите западни сојузници да се вклучат во овие преговори, како што Зеленски изјави за време на долгото интервју во саботата.

Благодарение на новинарите од „Тајм“ и три од водечките европски весници, претседателот објасни дека и покрај тоа што е вмешан во истрагата за импичмент во Вашингтон, на Украина сè уште ѝ е потребна поддршката на САД.

За време на интервјуто во неговиот кабинет во Киев, поранешниот комичар кој сега е претседател негираше, како и претходно, дека тој и Трамп разговарале за одлуката да ја одложат американската помош за Украина за речиси два месеци, а за возврат да се добијат политички услуги кои сега се најдоа во центарот на истрагата за импичмент во Конгресот.

Што очекувате од мировните преговори на 9 декември?

– Искуството покажува дека овие состаноци траат многу долго, но сепак тоа зависи од состојбата. Честопати многу долго се кружи и се повторуваат исти нешта додека да се дојде до вистинската поента. Од моите анализи сфатив дека на ваквите состаноци практично ништо не се постигнува.

Кои се следните чекори?

– Првиот е размената на затвореници, односно вистинска размена во јасна временска рамка. Вториот мислам дека е многу тежок, а тоа примирјето на огнот. Во сите претходни договори и соопштенија ова беше приоритетно прашање, како и првото. Но мораме да признаеме дека се намали интензитетот на огнот. Првите два чекори се поврзани со човечките животи. Токму поради тоа сметам дека се на врвот на приоритетната листа.

Што ако не се постигне ништо во преговорите?

– Ова е внатрешно прашање. Се работи за дел од нашата територија што беше одземен. Нема да се согласам за војна во Донбас. Знам дека таму има многу вжештени глави, особено оние кои организираат митинзи и повикуваат на борба за да се врати целата територија, но по која цена? Тоа е друга приказна и нема да повикам на војна. Ако тоа не го смири општеството, тогаш ќе дојде нов лидер кој ќе ги исполни тие барања. Но јас никогаш нема да го сторам тоа, затоа што мојот став во животот е да бидам човек пред сè. Не можам туку-така да испратам војници. Колкумина од нив ќе загинат? Стотици илјадници. А потоа можеби ќе започне целосна војна што ќе ја зафати цела Украина што потоа ќе се прошири и во Европа.

Дали имате доверба во Путин во овие преговори?

– Во никого немам доверба, да бидам искрен. Политиката не е егзактна наука, токму затоа на училиште сакав математика, таму сè е јасно. Задачите се решаваат со една варијабла, а во политиката имате многу, како и политичари во нашата држава. Не знам како функционираат овие луѓе и не можам да сфатам од каков калап се направени. Токму поради ова сметам дека не треба да се има доверба во никого, затоа што сите имаат свои интереси.

Украина многу одамна побара од САД да имаат поголема улога во мировните преговори со Русија. Курт Вокер, специјалниот пратеник за мировниот процес на администрацијата на Трамп, работеше на тоа, барем се обиде и тоа сериозно. Тоа е точно и мислам дека постигна голем успех. Не бев сведок на сè што тој постигна, затоа што тогаш не бев претседател, но сфатив од неколкуте средби со него дека навистина активно ги бранел нашите позиции.

Но во контекст на истрагата за импичмент, Вокер ја напушти функцијата заедно со други владини претставници кои ја поддржуваа Украина во рамки на администрацијата на Трамп. Во тој контекст, каква сметате дека е улогата на САД во мировниот процес? Како таа се промени во изминатите неколку месеци и како мислите дека ќе напредува?

– Прво никогаш не би сакал Украина само да биде обична територија на мапата, пион на шаховската табла во партијата меѓу големите светски играчи, за некој да може со неа да си игра како што сака, да ја користи како покритие и средство за пазарење. Што се однесува до САД, навистина би сакал да ни помогнат, да нè разберат, да сфатат дека и ние имаме право на игра, како и дека не можат другите да склучуваат договори во наше име и зад нашиот грб. Се разбира дека помошта е добредојдена, но не зборувам само за техничка, воена и финансиска помош. Ова се многу важни аспекти особено сега кога се наоѓаме во ваква тешка состојба.

САД функционираат како еден сигнал во светот за сите. Ако Америка каже дека, на пример, во Украина има корупција, тогаш тоа е најсериозен сигнал. Можеби изгледа лесно да се каже дека во Украина има корупција, но констатацијата не запира тука. Сите го слушнале тој сигнал, а за инвеститорите, банките, акционерите, домашните, американските, европските и компаниите со странски капитал во Украина, тоа е предупредување да внимаваат, да не инвестираат тука, или да го напуштат овој пазар. Ова е сериозен сигнал. За мене е важно за САД, со сè што можат да сторат за нас, навистина да разберат дека сме поинаква држава и народ. Не е дека не постои корупција. Низ годините во сите нивоа од власта постоела корупција, а ние работиме да ја искорениме. Но сигналот што го испратија е многу сериозен.

Минатата недела претседателот Трамп изјави во пренос во живо дека Украинците се корумпирани и оти крадат пари. Дали имате некаков план да го промените неговото мислење?

– Нема потреба да го менувам неговото мислење. За време на состанокот со него реков дека не сакам мојата земја да биде претставена во ваква слика. Поради тоа, тој треба да дојде и лично да се увери како функционираат нештата, како живееме и каков народ сме. Имав чувство дека ме слушна, барем за време на состанокот ми рече дека „бил свесен дека сум млад и нов во работата“.

Кога прв пат забележавте дека има поврзаност меѓу одлуката на Трамп да ја блокира воената помош за Украина од летоска и двете истраги што ги побарале Трамп и неговите помошници? Дали може да појасните околу прашањето за должење на услуги?

– Никогаш не сум разговарал со претседателот околу давање и должење услуги. Тоа не е во мојот стил и не би сакал да делуваме како просјаци. Но мора да сфатите дека сме во војна. Ако вие сте нашиот стратегиски партнер, тогаш не треба ништо да блокирате во процесот. Мислам дека тоа е чесно, а не давање нешто за возврат. Тоа е очигледно.

Превод: Билјана Здравковска