Незавршената работа од арапската пролет пак го запали Блискиот Исток

139

Демонстрантите во Ирак умираат на улиците. Во Либан, демонстрантите ја парализираа земјата и се цврсто решени да ја срушат владата на премиерот Саад ал-Харири. Последниве неколку недели египетските безбедносни служби ги разбиваат обидите за протести против полициската држава на претседателот Абдел Фатах ал-Сиси, пренесува Би-би-си.

Овие три земји имаат разлики, но тоа што ги спојува е болката и страдањето на милиони демонстранти. Околу 60 отсто од популацијата на Блискиот Исток е на возраст под 30 години. Кај овие лица, незадоволството честопати испливува на површината и нивниот бес има краток фитил.

Две од главните причини за револт се немаштијата и корупцијата. Најчесто, едното води кон другото. Ирак е рангиран како една од најкорумпираните земји во светот. Корупцијата е рак што ги јаде амбицијата и надежта во ваквите корумпирани земји.

Младите образовани лица не можат да најдат работа, а кога власта, судството и полицијата се толку лесно подмитливи, системот престанува да функционира. Откако демонстрантите решија да го изразат своето незадоволство и ги наполнија улиците, брзо почнаа да летаат и куршуми во нивна насока.

Во Багдад, демонстрантите целеа кон Зелената зона, која претставува бастион на владината моќ, а во минатото беше центар на американската окупација. Сега е место каде што се сместени владините канцеларии и амбасадите. Сепак, откако куршумите почнаа да летаат, дел од војската  националното знаме на Ирак, со тоа покажувајќи солидарност кон демонстрантите.

Демонстрациите во Либан беа започнати на 17 октомври поради новите даноци за цигари, бензин и повици на апликацијата Вацап, наметнати од владата. Даноците набргу беа укинати, но веќе беше предоцна. На почеток, протестите беа мирни, но набргу станаа насилни.

Ваквите демонстрации не претставуваат нова пролет во овие земји, туку станува збор за незавршена работа, откако протестите од 2011 година не ги дадоа очекуваните резултати.