Недостига стратегија за распределба на вакцините против ковид-19

60

Во отсуство на глобален план за распределба на вакцината против коронавирусот, странските медиуми веќе пишуваат дека откако се најави пристигнување на „лекот“, веројатно ќе следуваат „хаотични месеци“ со многу отворени прашања. Едни од дилемите, покрај тоа колку ќе биде ефикасна и безбедна вакцината, се и колку дози ќе се обезбедат, но и кои од државите ќе бидат меѓу првите што ќе ја добијат вакцината

Како ќе се одвива дистрибуцијата на ограничениот број вакцини против коронавирусот произведена од фармацевтските компании „Фајзер“ и „Бионтек“, која е над 90 отсто ефикасна во заштитата од вирусот, со оглед на тоа што засега, според најавите, ќе има доволно само за една седмина од светското население. Оваа дилема деновиве се актуализира во светската јавност откако излезе информацијата дека производителите на вакцината до крајот на годината можат да произведат околу 50 милиони дози односно 1,3 милијарда примероци од вакцината во следната 2021 година, додека некои земји како В. Британија веќе застана во „редот“ на чекање и најавија вакцинација на своето население во наредните денови.

ЕУ во подготовка на план

Со оглед на желбата животот да се врати во нормала, ќе има неверојатно голема побарувачка за овие дози. Ова, меѓу другото, беше констатирано и на неодамнешниот состанок на министрите за здравство на земјите-членки на ЕУ, кои деновиве излегоа со иницијатива за единствен план во Европа за распределба на вакцините против ковид-19 по кој ќе се раководат државите за време на вакцинацијата на населението.
– Идејата не е да бидеме први, туку да имаме безбедни и ефикасни вакцини за пандемијата. Бавен и стабилен план нема да ја победи трката за вакцинација, но Европа со тоа ќе ја освои довербата на луѓето. Во тој контекст неопходна ни е европска, но и глобална стратегија за распределба на вакцините што ќе бидат насочени за системско рамноправно распределување на лекот до сите – изјави германскиот министер за здравство Јенс Шпан пред новинарите по состанокот на министрите за здравство.

Ковакс-систем за еднаквост

Во меѓувреме, како што пишува британски „Гардијан“, некои влади во светот, меѓу кои и оние на богатите земји, како САД, В. Британија, Канада, Австралија и други, веќе резервираа најмалку 500 милиони дози од вакцината, но она што е неизвесно сега е како ќе се одвива распределбата на вакцината за посиромашните држави. „Гардијан“ посочува дека за време на пандемијата на свински грип во 2009 година ваквите договори на владите со фармацевтските компании во тоа време се искористија до тој степен што мнозинството производители на вакцини не беа во можност да обезбедат десет отсто од резервите на вакцините за агенциите на Обединетите нации (ОН) токму поради нивните претходни обврски кон договорите со богатите држави. Во таа насока, медиумот посочува дека нема да биде нов „национализмот на вакцини“, односно динамиката за распределба на лекот што уште сега се забележува, кога нациите се залагаа за личниот интерес наспроти светското општо добро.
– Земјите со ниски и средни економии лобираа за еднаквост во пристапот до лекарства и вакцини со години, затоа што тие се добро запознаени со пазарните договори на кои се потпираат светските здравствени договори со кои се фаворизираат влади со длабоки џебови. Богатите држави секогаш први ќе имаат право на пристап до вакцините. Токму затоа јавно-приватното здравствено партнерство ГАВИ, фондацијата ЦЕПИ и Светската здравствена организација го формираа системот Ковакс на почетокот од оваа година како поддршка за еднаква дистрибуција на вакцината против ковид-19 – наведува „Гардијан“. Според магазинот, системот Ковакс треба да им овозможи на сите држави пристап до вакцината, без разлика на финансискиот статус на земјата, но нејасно е дали тој, сепак, ќе се почитува во целост.

Карантинот ја зауздува пандемијата во Европа, САД во расчекор

Во меѓувреме во Европа, неколкунеделните ограничувања почнуваат да го намалуваат темпото на ширење во некои земји, иако дневните стапки на инфекции и смртност остануваат големи, а болниците полни. Во САД, пак, пандемијата се најде во фокусот на транзицијата меѓу тимовите на Доналд Трамп и на Џо Бајден. Тамошните медиуми пишуваат дека во моментов САД се мачат од рекордни хоспитализации со ковид-19, кои се закануваат дека ќе го блокираат здравствениот систем. Бројот на починати од ковид-19 во просек е над 1.100 секојдневно. Тоа е така бидејќи седумдневниот просек на дневните случаи надминува 150.000, што е 80 отсто пораст од пред три недели со што мерките за ограничено движење постепено се враќаат во делови од земјата, како и наредбите за носење маски.