Небото над Австралија e црвено, луѓето бегаат на плажите

743

Жителите на југоистокот во Австралија и денеска бегаат од пожарите кои го зафатија ова подрачје, а небото е со крваво црвена боја, јавува Си-ен-ен.

Пожарникарите кои се на терен во последните 24 часа го опишуваат денот како еден од најлошите во историјата.

Градот Памбула е испразнет, улиците се пусти и се полнат со густ чад. Околу 30 километри јужно од Памбула црвено небо има и над Еден. Таму стотина жители засолниште побарале на плажите. Во ова подрачје се уништени бројни куќи, а властите стравуваат дека може да има и мртви.
Во моментов во земјата активни се 146 пожари, од кои 65 не се ставени под контрола. На терен се околу 2.700 пожарникари.

Во саботата изгореа голем број куќи, а 47-годишен маж почина од срцев идар додека помагал во гасењето на опожарената куќа на пријателот. Тој е 24 лице кое почина за време на пожарите. Вчера четворица пожарникари завршија во болница поради проблеми со дишењето, исцрпеност и изгореници.

Од противпожарната служба стравуваат дека ситуацијата би можела да се влоши во следните денови.

Поради чадот националниот авиопревозник откажа голем број летови.

Во Викторија е прогласена вонредна состојба.

Австралискиот премиер, Скот Морисон рече дека една тешка ноќ е зад нив. На пожарникарите им помагаат и 3.000 војници, а Нов Зеланд и Сингапур понудија помош.