На секои шест секунди се уништува прашума со големина на фудбалско игралиште

56

Минатата година огромни области на древна прашума беа опажарени, а подрачје со големина на Швајцарија било исечено за да се направи пат за добиток и да се отвори простор за земјоделски површини, велат научниците.

Сателитски снимки покажуваат дека третина од загубите се на територијата на Бразил, додека ДР Конго и Индонезија се на второто и третото место, соопшти организацијата „Глобал Форест Воч“.

Минатата година биле уништени 38.000 квадратни километри дождовна шума, што е еквивалент на област колку едно фудбалското игралиште на секои шест секунди.

Вкупната површина на тропските шуми уништена од пожари и булдожери всушност лани била трипати поголема, но особено вредни се древните дождовни шуми односно прашумите кои се создадени од природата и кои се развиваат без никакво влијание на цивилизацијата.

Тие досега беа незафатени од современиот развој и се засолниште за најразновиден животински свет на Земјата и во себе „придушуваат“ огромни количини на јаглерод. Кога се палат овие шуми, јаглеродот бега во атмосферата како штетен јаглерод диоксид.

„Кога отсега натаму никој не би ги допирал, ќе бидат потребни децении, па дури и векови, овие шуми да се вратат во нивната првобитна состојба“, вели Микаела Вајс од „Глобал Форест Воч“.

Шумските пожари кои зафатија делови од Амазонија во Бразил ги наполнија насловните страници на светските медиуми минатата година, но тие не се главната причина за уништување на прашумата. Главен проблем е нелегалната сеча, најчесто во области населени со домородни народи.

Ова беше така пред бразилскиот претседателот Жаир Болсонаро да објави ублажување на законите во овие, во нормални околности, заштитени подрачја, за да се олесни комерцијалното рударство и земјоделството, како и експлоатацијата на нафта и гас. Сето ова може дополнително да го прошири уништувањето на шумите.