На повидок нова танкерска војна на Блискиот Исток

343

Тензиите и натаму се високи во регионот на Персискиот Залив, а според некои од експертите ситуацијата многу потсетува на т.н. танкерска војна од 1980-тите и на поморските инциденти помеѓу САД и Иран

Ирански воени бродови се обиделе да запленат британски танкер со нафта и да го спречат да помине во близината на Персискиот Залив, пред да бидат протерани од британската морнарица. Во инцидентот, фрегатата „Монтрос“, која го придружувала бродот „Бритиш херитиџ“, била принудена да се испречи помеѓу иранските патролни бродови и британскиот танкер. Официјален Лондон соопшти дека иранските постапки се спротивни на меѓународното право. Претходно, Иран се закани дека ќе се одмазди за неодамнешниот инцидент, кога британски воени бродови кај Гибралтар запленија ирански танкер, кој наводно превезувал нафта за Сирија. Тензиите и натаму се високи во регионот на Персискиот Залив, а според некои од експертите ситуацијата многу потсетува на т.н. танкерска војна од 1980-тите и на поморските инциденти помеѓу САД и Иран, пренесуваат светските медиуми.

Британското министерство за одбрана соопшти дека трите брода, за кои се верува дека ѝ припаѓаат на иранската Револуционерна гарда, се приближиле до „Бритиш херитиџ“ и се обиделе да го запрат во моментот кога се движел кон Ормутскиот Теснец. Иранските бродови се откажале од намерата, откако британската фрегата ги насочила топовите кон нив, без да бидат истрелани проектили. Според Би-би-си, инцидентот се случил во близината на островот Абу Муса, за чија сопственост и натаму постои спор помеѓу Иран и Обединетите Арапски Емирати.

– Спротивно на меѓународното право, три ирански пловила се обидоа да го спречат поминувањето на трговскиот брод „Бритиш херитиџ“ низ Ормутскиот Теснец. Загрижени сме од таквиот чекор, а и понатаму ги повикуваме иранските власти да ја деескалираат ситуацијата во регионот – се наведува во соопштението на британската влада.

Од друга страна, официјален Техеран ги демантира информациите дека се случил инцидентот, отфрлајќи ги како „шпекулации од американски извори“. Шефот на иранската дипломатија Мохамед Џавад Зариф упати остри критики до властите во Лондон, порачувајќи дека Британија го измислила инцидентот, за да создаде тензија.

Односите помеѓу Британија и Иран се значително затегнати, откако Лондон соопшти дека речиси е сигурно оти иранските власти се одговорни за минатомесечните напади врз два танкера со нафта. Британски маринци минатата седмица им помогнаа на властите на Гибралтар да запленат танкер со нафта, поради постоење докази оти пренесувал иранско црно злато за Сирија, со што ги прекршил санкциите воведени од Европската Унија. Како одговор на инцидентот, ирански претставник порача дека британски брод треба да биде запленет доколку танкерот не биде пуштен.

Британската морнарица има стационирано фрегата, четири миноловци и брод за поддршка во пристаништето Мина Салман во Бахреин. Според експертите, тоа е доволно за одвраќање на иранските обиди, но не и за справување со посериозна криза.

– Фрегатата „Монтрос“ нема да може да обезбеди заштита за секој трговски брод, поврзан со Британија, во Персискиот Залив. Министрите мора да размислуваат за испраќање на уште еден брод на кралската морнарица во регионот. Но таквиот чекор може дополнително да ги ескалира тензиите со Иран, нешто што британската влада сака да го избегне – изјави аналитичарот на Би-би-си, Џонатан Бејл.

Во меѓувреме, светските медиуми прават споредба на сегашните тензии со т.н. танкерска војна од пред 28 години, кога Америка и Иран беа вмешани во серија инциденти во Персискиот Залив. Танкерската војна беше кулминација на меѓународните тензии при крајот на осумгодишната војна помеѓу Иран и Ирак на Садам Хусеин. Иран и Ирак меѓусебно ги напаѓаа нафтените објекти од средината на 1980-тите. Наскоро потоа, нападнати беа и неутрални бродови, што беше обид на завојуваните страни за вршење економски притисок врз противникот. Особено ранливи беа кувајтските танкери што превезуваа ирачка нафта.

Од друга страна, пак, САД, под раководство на претседателот Роналд Реган, се двоумеа да се вмешаат во „поморската драма“. Но ситуацијата во регионот стануваше сѐ поопасна, што беше потврдено и со фактот дека американскиот воен брод „Старк“ беше погоден од противбродска ракета, истрелана од ирачки воен авион. Од јули 1987 година, пререгистрирани кувајтски танкери, кои пловеа под американско знаме, беа придружувани од бродови на американската морнарица. Во еден период, мисијата стана најголем поморски конвој по Втората светска војна. И тогаш, како и денес, САД и Иран се гледаа преку нишанот.

Па така, и покрај фактот дека и Иран и Ирак беа одговорни за кризата, танкерската војна набргу стана дел од долгогодишниот иранско-американски конфликт. На 24 јули 1987 година, кувајтски танкер налета на иранска мина уште во првата конвојска мисија. По инцидентот, САД распоредија дополнителни сили и бродови во регионот, а двете земји беа на добар пат кон отворена војна. Во септември истата година, американски хеликоптери нападнаа ирански брод, откако го забележаа како поставува мини во регионалните води. Во текот на наредните месеци, цел на напади беа повеќе танкери, како и американска фрегата. На провокациите, американските сили одговорија со уште поголема огнена моќ, при што беа уништени бази на Револуционерната гарда, а нападнати беа и ирански воени бродови. Кризата на крајот заврши, но дури по нејзината најцрна епизода, односно по инцидентот во кој американскиот ракетен разурнувач „Винсенс“ собори ирански патнички авион, при што животот го загубија сите 290 патници и членови на екипажот. Американската морнарица соопшти дека станува збор за грешка, при што иранскиот „ербас а300“ бил помешан со воен авион.