На повидок војна за гасот помеѓу ЕУ и САД

362

Германски претставници предупредуваат дека Европската Унија би можела да ги затвори американските терминали за течен гас, како одговор на американските санкции против компаниите што учествуваат во изградбата на рускиот гасовод „Северен тек 2“

Високи германски претставници предупредуваат дека Европската Унија би можела да ги затвори американските терминали за течен гас во Европа, како одговор на потегот на американскиот Конгрес, кој даде зелено светло за воведување санкции против компаниите што учествуваат во изградбата на гасоводот „Северен тек 2“. Станува збор за гасоводот што преку Балтичко Море ќе доставува руски гас до Германија и соседните земји, со што ќе им обезбеди дополнителен сигурен и поевтин извор на природен гас. На Германија многу ѝ е потребен овој гасовод, бидејќи планира во наредните 10-15 години целосно да прекине со користењето на јагленот како енергент, а исто така ги затвора и своите атомски централи, бидејќи планира целосно да се префрли на чисти извори на енергија. Меѓутоа, на „Северен тек 2“ силно се противат САД, Полска, балтичките земји, како и Украина, наведува порталот „Геополитика“.

Оливер Хермес, претседателот на влијателниот и моќен Источен совет на германската економија, предупреди дека новите американски санкции против рускиот гасовод ќе удрат врз суверенитетот и енергетската безбедност на ЕУ.
– Ако стапат во сила овие санкции, тоа ќе биде директен удар на суверенитетот на ЕУ – истакнува Хермес.

Според него, санкциите може и да го загрозат продолжувањето на процесот на нормализација на односите помеѓу Украина и Русија.
– Во Париз, благодарение на посредништвото на германската канцеларка и францускиот претседател, се направени првите чекори кон смирување на источна Украина. Новите санкции на САД му се закануваат на тоа мирно решение, како и на договорот помеѓу Русија и Украина за транзит на природен гас – додава Хермес.
„Геополитика“ пренесува дека во Германија се загрижени дека оваа американска одлука на краток рок би можела да доведе и до зголемување на цената за енергентите за европските потрошувачи. Во врска со тоа, Хермес оценува дека пазарите мора да реагираат во согласност со постојните тензии.

– Ние тоа го знаеме од санкциите на САД против руските произведувачи на алуминиум, воведени во 2018 година, без консултации со ЕУ. Следуваа толку многу ценовни шокови, поради што САД ги прекинаа овие санкции. Американските санкции, кои ќе бидат воведени без консултација со ЕУ и против изразената волја на главните европски сојузници, ќе го скршат трансатлантското единство по прашањето за санкциите, ќе ја задушат ЕУ и истовремено ќе им нанесат голема штета на американските проекти во Европа. Американците сакаат да продаваат течен гас во Европа, а планирана е изградба на терминали во Германија. Ако се создаде впечаток дека американските санкции против испораката на гас од Русија во ЕУ се недобронамерна конкуренција од САД, може да биде разгледана и соработката за американските проекти за течен гас – предупреди Хермес.

Американскиот Конгрес во понеделникот го усвои законот за воениот буџет за 2020 година, во кој е одобрено и воведување санкции против компаниите што учествуваат во изградбата на гасоводите „Северен тек 2“ и „Турски тек“. Законот мора да биде потпишан и од претседателот Доналд Трамп, а бидејќи одредбите за санкциите кон овие гасоводи се наоѓаат во рамките на законот за национална одбрана, тој ќе биде обврзан да го стави својот потпис. Трамп наводно не е наклонет за воведување на овие санкции, поради што во рамките на Конгресот не можеше да биде постигнат консензус за ова прашања, поради што санкциите беа „протуркани“ во рамките на воениот буџет за наредната година, а не како самостоен закон.

Трамп и Стејт департментот се обидуваа да се спротивстават на завршувањето на „Северен тек“ преку силни политички притисоци, пред сѐ врз Берлин, користејќи ги своите „марионети“ од источниот дел на ЕУ и преку нагласувањето на наводната преголема европска енергетска зависност од Русија и за потребата од диверзифицирање на нејзините насоки за снабдување, главно преку зголемен увоз на американски течен гас. Во обид за смирување на тензиите, Германија и некои други земји-членки на ЕУ прифатија изградба на нови или користење на постојните терминали за течен гас, за зголемување на американскиот течен гас на европскиот пазар, и покрај тоа што овој гас е поскап од оној што пристигнува преку гасоводите, заклучува „Геополитика“.