На Индија ѝ се потребни правда и заштита, а не линч и бесење

191
Луѓето го слават убиството на осомничените за силувањето на ветеринарката во Хајдерабад

Дваесет и тригодишна жртва на силување починала во болница во Њу Делхи, откако била запалена од четиричлена група во која бил и нејзиниот наводен силувател, додека одела на пат кон судското сослушување за нејзиниот случај. Таа била полиена со керозин и запалена, според полицијата. А во одделен инцидент, полицијата вчера уби четворица мажи осомничени за силувањето и убиството на 27-годишна ветеринарка во близина на градот Хајдерабад. Грозоморното насилство во неколкуте напади врз жените во изминатите две недели, предизвика големо незадоволство во Индија, насочувајќи го вниманието кон судскиот систем во азиската држава.

Во индиските судови мометно има 133 илјади отворени случаи за силување. Според владините податоци од 2017 година, дневно се пријавуваат повеќе од 90 силувања во земјата со 1,35 милијарди жители. А незначителен е бројот на жртвите кои ја дочекуваат пресудата на нивните напаѓачи (32 отсто од случаите во 2017 година завршиле со осудителна пресуда). Ниската стапка на случаите што завршуваат со осудителна пресуда делумно се должи на притисоците со кои се соочуваат жртвите и сведоците. Се проценува дека во Индија се случува по едно силување на секои 20 минути. Индија е најопасното место на светот за жените, се наведува во истражувањето на фондацијата Томсон Ројтерс од минатата година.

Токму затоа, голем број на незадоволни граѓани излегоа на улиците барајќи правда, но и одмазда за жртвите.

– Доколку ова не стане проблем на национализмот и националната гордост, не гледам дека нешто ќе се смени. Овдешното општество ги девалвира жените систематски и ги прави подчовечки суштества. А силувањето е најлошиот симптом на ваквата состојба – вели активистката за социјална правда Дипа Најаран.

Повеќемина политичари во индискиот парламент повикуваа обвинетите за случајот во Хајдерабад да бидат линчувани и обесени. Но секретарката на Сеиндиската прогресивна женска асоцијација, Кавита Кришнан, смета дека тоа само ќе ја влоши состојбата.

– Повикот на смртна казна не е ништо повеќе од црвена харинга (израз за информација која е лажна или невистинита – н.з.). Тоа е лесна опција бидејќи избегнува институционална одговорност и не чини ништо. Тоа е само начин на законодавците да се убедат оти се што е потребно за решавање на проблемот е елиминацијата на еден или два од овие ѓаволи. Уште немаме дискусија за тоа што треба да се случува, па така ништо не се менува. Повикувањето на смртна казна за силување само значи дека уште повеќе жени ќе бидат убиени за да не сведочат – категорична е Кришнан.

Активистите кои се борат за заштита на жените и за менување на законите сметаат дека индиската влада е одговорна за проблемот, додека бараат решенија. М.Ж.