На Европа ѝ се заканува нова мигрантска криза?

107

Поради поволните временски услови на морето, илјадници лица се подготвуваат да ја напуштат Либија во која се води војна и бидејќи нема спасувачки бродови, се очекува драстично зголемување на бројот на фатални поморски несреќи. Антимиграциската политика што ја воведоа Малта и Италија доведе до намалување на спасувачките мисии, а од десет спасувачки брода, колку што беа активни во Медитеранот, остана само уште еден, кој го користи германската организација „Си воч“, наведува германскиот новински сервис „Дојче веле“

Обединетите нации предупредија дека е сѐ поголем ризикот мигрантите и бегалците да доживеат бродолом во Средоземно Море поради недостигот од спасувачки бродови и поради вооружените судири во Либија, пренесува „Дојче веле“.

– Ако наскоро не интервенираме, Медитеранот ќе стане крваво море – изјави Шарлота Сами, портпаролката на Комесаријатот на ОН за бегалци (УНХЦР) во Италија.
Сами истакнува дека поради поволните временски услови на морето, илјадници лица се подготвуваат да ја напуштат Либија во која се води војна и бидејќи нема спасувачки бродови, се очекува драстично зголемување на бројот на фатални поморски несреќи. Изминатите денови, околу 700 лица го напуштиле брегот на Либија, а либијската крајбрежна стража успеала да пресретне и испрати назад само пет отсто, односно 35 лица.

Според податоците на УНХЦР и на меѓународните организации за миграција, од почетокот на годинава над 1.900 лица пристигнале од Северна Африка во Италија, а дури 350 од нив починале во текот на патувањето. Истовремено, Институтот за меѓународни политички студии наведува дека околу 15 проценти од лицата што се обидуваат да заминат од Либија починале во периодот од јануари до април 2019 година.

– Сведоци сме на пораст на бројот на заминувања. Очигледно мигрантите немаат право на глас за тоа како или кога ќе патуваат. Трговците со луѓе одлучуваат наместо нив. Изминатите денови е сѐ поголем број на бродови што заминуваат од либиските пристаништа. Кој ќе ги спасува ако доживеат несреќа на отворено море? – порача Сами.
Антимиграциската политика што ја воведоа Малта и Италија доведе до намалување на спасувачките мисии, а од десет спасувачки брода, колку што беа активни во Медитеранот, остана само уште еден, кој го користи германската организација „Си воч“. Италијанските крајбрежни служби пред три седмици го запленија бродот на „Си воч“, бидејќи превезувал 47 мигранти и бегалци, и оттогаш бродот е вкотвен на Сицилија, иако се очекува за неколку дена да замине кон Либија. Џорџија Линарди, портпаролката на „Си воч“ во Италија, посочи дека авионите на хуманитарната организација од почетокот на мај регистрирале над 20 чамци што превезувале мигранти.

– Ситуацијата е алармантна. Забележавме чамци што со часови, па и по цела ноќ чекаат да бидат спасени. Тоа се неподносливи услови. Апсурдно е воопшто да нема помош во најмилитантната и најпрометната морска област во светот – предупреди Линарди.
УНХЦР проценува дека во Либија се наоѓаат најмалку 60.000 баратели на азил, а во изминатите два месеци повеќе од 90.000 Либијци се раселени поради жестоките меѓуфракциски борби во и околу либиската престолнина Триполи. Хуманитарните групи остро реагираат, бидејќи голем дел од барателите на азил се затворени во прифатни центри, каде што сѐ повеќе се изложени на малтретирање и тортура.