Најмалку 10 загинати во протестите поради пензиски реформи во Никарагва

417

Во насилни протести против предложени измени на пензискиот систем на Никарагва загинаа најмалку 10 луѓе во изминатите два дена, соопшти денеска владата на таа држава.

Станува збор за најголеми протести откако претседателот Даниел Ортега пред 11 години дојде на власт во таа централноамериканска држава.

Со планот на владата ќе мора да се одвојуваат поголеми придонеси за пензискиот систем, а новиот закон предвидува и намалување на пензиите за пет отсто.

Владата изрази подготвеност за преговори.

– Се очекува Ортега денеска формално да повика на преговори, изјави Росарио Муриљо, потпретседателка на Никарагва која потенцираше дека 10 нејзини сонародници загинале во протестите.

Опозицијата соопшти дека во протестите има најмалку 20 тешко повредени. Протестите се најмасовни во главниот град Манагва веќе три дена по ред.