Најбогатиот човек на светот се најде во небрано

2351
Илустрација: Фајненшл тајмс

Во јануари Џеф Безос беше желен да се дружи со елитата на Вашингтон која ја покани во неговата вила вредна 23 милиони долари, иако делови од имотот уште се реновираа. Собирот на „тешкашите“ во своевидниот музеј сега познат како „амбасадата на Амазон“, ги вклучуваше Иванка Трамп и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер, поранешниот секретар на одбрана Џим Матис и претседателот на Федералните резерви Џеј Пауел, пишува „Фајненшл тајмс“.

Во средата, Безос се обиде да ја уновчи добрата волја со која се стекна на тој собир. Тој и неговите колеги од „Епл“, „Фејсбук“ и од „Гугл“ беа повикани, засебно, да го бранат незапирливиот успех на нивните компании, на сослушување пред комитет на Конгресот.

Безос се обиде да ја брани неговата раширена технолошка компанија, благодарение на која стана најбогат човек во светот, со воведна изјава која навлезе во реториката на американскиот сон исполнета со можности.

По дипломирањето на универзитетот Принстон, Безос работеше во Њујорк. Но, на 30-годишна возраст тој го напушти работното место на Волстрит за да се пресели во Сиетл и да основа онлајн-книжарница. Оттогаш тој се натпреварува безмилосно, инвестирајќи во скратувањето на времето на испорака вршена од неговата компанија за онлајн-трговија и проширувајќи го бизнисот.

Документите објавени од истражителите на Конгресот навидум прикажуваат како водечките луѓе на „Амазон“ осмислувале агресивни стратегии за да ги истиснат, а потоа и да ги откупат конкурентите.

Безос со години ги убедувал инвеститорите да го стават настрана профитот, на сметка на долгорочните инвестиции во логистиката, роботиката и доставата. Ова му се исплатеше за време на пандемијата во текот на која онлајн-порачките се зголемија за 40 отсто. Во четвртокот „Амазон“ соопшти дека остварил рекорден квартелен профит од 5,2 милијарди долари, наспроти трошоците од четири милијарди поврзани со пандемијата. Акциите на компанијата пораснаа за 70 проценти од почетокот на годинава.

Губењето на добрата волја од моќните фигури во Вашингтон претставува најголема закана за плановите на Безос, не само за „Амазон“ туку и за компанијата за вселенски истражувања „Блу ориџин“. Политичарите на двете страни се чинат подготвени да преземат акција поради загриженоста за нарушување на конкурентноста. Во неговото прво појавување пред Конгресот, извршниот директор на „Амазон“ се чинеше помалку прибран во однос на останатите шефови на технолошките гиганти, и неподготвен за да им парира на тврдењата според кои компанијата ги користи податоците за независните трговци за намерно да промовира фалсификувани производи со цел да продаде маркетинг-простор.

Но „Амазон“ издвојува пари за лобирање, повеќе отколку кога било досега – вкупно 8,7 милиони долари годинава. Безос можеби ја засилува офанзивата за шармирање на Вашингтон, но се чини дека има потешкотии за да ги пренесе неговите пораки. За време на сослушувањето преку видео-врска во Конгресот, на кое се јавија и технички проблеми, еден член на комитетот мораше да му каже „господине Безос, мислам дека се емитувате без тон“.