НАТО се соочува со дилема во „дворот“ на Русија

1177

Дали е на повидок посериозна криза и дали постои опасност од судир помеѓу Русија и НАТО? Ваквото сценарио не делува веројатно, но тензиите во Керчанскиот Теснец и запленувањето на украинските бродови од руските сили ја ставаат ситуацијата во Црното Море меѓу главните теми на денешниот состанок на Северноатлантската алијанса во Брисел, пренесува Би-би-си.

Црното Море има големо страгешко значење. Тоа беше средиште на конфликтот помеѓу Велика Британија и Франција против Русија во 19-от век. Црното Море претставуваше најкратка рута од СССР до Иран и до Средниот Исток во текот на Студената војна. За Русите тоа отсекогаш претставувало нивен „двор“, а распаѓањето на Советскиот Сојуз и завршувањето на Студената војна само ја компликува ситуацијата. 

Русија е вознемирена од растечкото присуство на НАТО во регионот, во кој Турција, Романија и Бугарија се членки на Алијансата, чии воени бродови ги зачестија патролите во Црното Море. Згора, НАТО ја засилува и соработката со Грузија и со Украина, со кои Русија веќе беше во воен конфликт.

– Според НАТО, ваквите мерки придонесуваат за стабилноста, но и за одвраќање на Русија. НАТО има намера да ја оспори руската доминација во Црното Море. Но, Москва ја гледа ваквата ситуација како обид за ширење на НАТО, а бидејќи станува збор за област од стратешки и од историски значај, влоговите се високи – се наведува во анализата на Би-би-си.

Санкциите не влијаат врз позицијата на Русија, па одлуката на НАТО станува потешка. Аналитичарите наведоа повеќе мерки што Алијансата би можела да ги преземе. НАТО би можел да размести бродови во Азовското Море, што би било нелегално, како и непрактично, бидејќи Русија лесно би можела да го затвори Керчанскиот Теснец. Друга опција претставува наметнувањето на економски санкции за Русија, како и барање на компензација за Украина поради нејзините загуби предизвикани од своевидната економска блокада во Азовското Море. Во ваква ситуација се јавуваат и поддржувачи на идејата за дополнително вооружување на Украина.

Извесно е дека не постои совршена солуција за ќор-сокакот во кој се наоѓаат Русија и Западот. Затоа НАТО се соочува со прашањето како да ги смири сојузниците во Црното Море, без да ја отежне ситуацијата дополнително?