Насилниците во белите маици инфилтрирани меѓу борците за демократија во Хонгконг

68

Полицијата во Хонгонг се соочува со големи критики од светска јавност, бидејќи за време на напад изведен од маскирани насилници со бели маици на железничка станица во Јуниус Хо, тие не презедоа никакви чекори. Во нападот се повредени голем број на граѓани, а меѓу 45-те повредени има жени и деца, пренесува „Гардијан“.

На видеоснимките може да се забележат луѓе во маски како напаѓаат патници и ги тепаат со палки. Помеѓу повредените има и демонстранти кои се враќале од голем анти-владин протест, а исто така и една бремена жена, како и жена со мало дете во рацете.

Инцидентот се случи откако заврши протестот во кој демонстрантите и полицијата се судрија, а полицијата беше принудена да употреби гумени куршуми и солзавец.

– Маскираните со бели маици дојдоа и почнаа да удираат по сите со палки, без разлика за кого се работи. Некои од патниците пробуваа да ги заштитат жените и децата и не се спротивставуваа, во спротивно постоеше опасност да ги тепаат посилно – вели една од потресените патнички од возот во Јуен Лонг.

Насилниците биле вооружени со метални и дрвени палки, како и со дрвени метли. Во инцидентот е повредена и новинарка која се обидувала да го сними нападот.

Откако полицијата пристигнала на железничката станица, насилниците веќе биле заминати, а повредените демонстранти прашале зошто им требало толку долго време за да реагираат на нападот. Утрово, активисти гласно ја обвинуваа и критикуваа полиција.

– Зарем ќе им биде дозволено на насилнички групи да го прават она што го сакаат, да тепаат граѓани на улиците без да бидат воопшто спречени? – праша Лам Чук-Тинг, пратеник на кинеската Демократска партија, кој беше меѓу повредените во инцидентот.

Граѓанскиот фронт за човекови права, кој стои зад организираните демонстрации од неделата, исто така ја критикуваше полицијата за нивното нереагирање во врска со инцидентот.

– Додека полицијата беше зафатена со непотребно фрлање солзавец врз демонстрантите, на другата страна имаше вистински насилници кои бркаа и тепаа патници, новинари и пратеници. Ова е голем срам – изјавија од Граѓанскиот фронт за човекови права.

Активистите веруваат дека насилниците биле најмени од времето на претходни протести во 2014 година, најверојатно од јужна Кина, каде што локалните власти се познати по тоа што најмуваат насилници со цел да ги заплашуваат демонстрантите и активистите.

На видео кое се прошири на Интернет може да се забележи и пратеникот Јуниус Хо, кој е про-Хонгконг ориентиран, како се поздравува со човек во бело и му дава ограбрувачки знак и ја одобрува нивната кауза пред да се случи нападот на станицата.

Хо ги негираше ваквите обвинувања и тврди дека тој не бил дел од никаква група и не учествувал во немирите ниту пак зазел одредена страна во целата ситуација.

На прашањето зошто тој не ја повикал полицијата, Хо објасни дека тие изгледале како и секој демонстрант кој го видел тој ден.

Полицијата вели дека причината поради која не се уапсени насилниците е тоа што не било најдено никакво оружје, но и тоа што не се знаело кои се напаѓачите и не можеле да бидат разликувани од демонстрантите. Властите го осудија строго нападот и ветија дека секој случај ќе биде посебно и детално испитан.

Демонстрациите, кои започнаа поради контроверзниот закон за екстрадиција, прерасна во помасовен протест кој бараше да се истражи однесувањето и бруталноста на полицијата, во Хонгконг траат веќе седум недели, а често резултираат и со судири помеѓу полицијата и демонстрантите.

Едно од барањата на демонстрантите е и воведувањето на демократски реформи кои ќе овозможат на граѓаните на Хонгконг самите да ги избираат нивните лидери. Демонстрантите ветија дека ќе ги продолжат протестите се до оној момент кога нивните барања ќе бидат исполнети.