Населба во Израел ќе го носи името на Трамп

101

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, денеска објави дека нова населба на Голанската висорамнина ќе биде именувана по американскиот претседател, Доналд Трамп, како знак на благодарност за признавањето на израелскиот суверенитет над таа стратешка локација.

Израел ја зазеде Голанската висорамнина во војна со Сирија во 1967 година и ја припои кон својата територија што не е меѓународно признато. Трамп минатиот месец потпиша одлука со која се признава суверенитетот на Израел врз таа област, со што им се спротивстави на останатите светски сили.

– Сите Израелци беа длабоко трогнати кога претседателот Трамп ја донесе својата историска одлука – рече израелскиот премиер во видео-изјава снимена на Голан.

Тој додаде дека по еврејскиот празник Пасха, владата ќе претстави резолуција за формирање на нова населба на Голанската висорамнина именувана по претседателот Доналд Ј. Трамп.