Напаѓачот не можел да ја скрши вратата на синагогата, тоа спаси животи

338

Си-ен-ен

Автор: Даран Сајмон

Пренесувајќи го нападот во живо преку камера прикачена на неговиот шлем, напаѓачот се обидел да ја отвори вратата на синагогата, испукал неколку истрели кон рачката, поставил експлозив на прагот, но и по експлозијата не успеал да влезе внатре.

Фактот што вратата не се уништила во целост веројатно им ги спасила животите на неколку десетици луѓе во синагогата, токму на Јом Кипур (Ден на покајанието), што се смета за најсветиот ден во еврејскиот календар. Полицијата соопшти дека напаѓачот убил две лица во средата во германскиот град Хале, едното пред синагогата, а другото во најблиската ќебапчилница. Полицијата го уапсила осомничениот напаѓач.

Во 35-минутната видео-снимка од нападот објавен на Интернет може да се забележи како осомничениот напаѓач, кој носел експлозив во својот автомобил, се обидел насилно да влезе низ вратата на синагогата, разочарано упатувал навреди и потоа го напуштил местото на настанот. Во тоа време имало 70 до 80 лица внатре во храмот, како што изјави Макс Приворошки, водачот на еврејската заедница во Хале, за германскиот весник „Шпигел“. Приворошки објаснил дека внатре во синагогата слушнале истрели и ја прекинале богослужбата. Преку безбедносните камери на влезот, тој видел како некој се обидува насилно да влезе, како испукува неколку истрели во вратата и потоа ги фрла експлозивите, како што пренесува весникот. Во неговата изјава стои дека „вратата не се отворила, па така Господ ги заштитил, а целиот настан траел околу пет до десет минути“.

За време на нападот во синагогата имало десет Американци, како што објави на Твитер Ричард Гренел, американскиот амбасадор во Германија, и додаде дека сите десетмина се на безбедно и неповредени.

„Си-ен-ен“ не сакаше да ја емитува видео-снимката. Портпаролот на „Твич“ потврдил за американскиот медиум дека видео-снимката била емитувана во живо на нивната платформа која најчесто се користи за емитување во живо на играњето видео-игри. Од компанијата соопштуваат дека „Твич не толерира никакво однесување на омраза, а секој чин на насилство се сфаќа премногу сериозно“.

Во видео-снимката, осомничениот, кој носел темна облека и ракавици, упатува навредливи антисемитски пораки, вели дека Холокаустот „никогаш не се случил“ и дека Евреите се изворот на дел од проблемите во светот. Откако не успеал да влезе во синагогата, напаѓачот си заминал, отворил оган врз најблиската ќебапчилница и убил едно лице, како што соопштуваат од локалната полиција.

Видео-снимката била направена од гледна точка на напаѓачот и многу потсетува на нападот од март врз двете џамии во Крајстчрч во Нов Зеланд. Осомничениот напаѓач во тој инцидент во живо го емитуваше нападот кој траеше 17 минути.

Американската амбасада во Берлин на Твитер го осуди нападот во Хале. Во објавата беше наведено дека „нападот е напад кон сите, а сторителите мора да понесат одговорност“ и воедно упатија сочувство за „жртвите во бесмисленото насилство“.

Превод: Билјана Здравковска