Нападнати два танкера во Оманскиот Залив

302

Иран спаси десетици морнари од нафтени танкери, кои, наводно, биле нападнати во Оманскиот Залив во близина на брегот на ОАЕ, пренесува иранската агенција ИРНА. Еден од танкерите, наводно, бил цел на торпедо, се вели во извештаите.

Бродот за спасување евакуирал 44 членови на екипажот од танкерите и ги одвел на безбедно во градот Јаск во јужната провинција Ормозган.

Танкерите, идентификувани од „Ројтерс“ како „Фронт алтар“ под знамето на Маршалските Острови и „Кокука корејџс“ под знамето на Панама, беа евакуирани по сомнителните напади во Оманскиот Залив. Во извештајот на шпедитерскиот весник „Трејд виндс“ се тврди дека норвешкиот танкер „Фронт алтар“ бил погоден од торпедо на брегот на ОАЕ.

Фотографиите објавени од новинската агенција „Тасним“ покажуваат еден од танкерите со огромен облак од чад што се издига во воздухот. Деталите за инцидентите сè уште се нејасни, но се знае дека танкерите испратиле сигнали за неволја до пристаништата и бродовите во близина. Иранските спасувачи први стигнале до нив.

Менаџерот на „Кокура“ изјави дека танкерот е со оштетен труп по безбедносен инцидент во кој еден член на екипажот бил полесно повреден. Иранската телевизиска мрежа Ал-Алам објави дека две експлозии се слушнале во утрово во Оман, објави „Прес ТВ“.

Во меѓувреме, Поморските трговски операции на Обединетото Кралство соопштија дека се информирани за инцидент во Заливот и побараа екстремна претпазливост. Петтата флота на САД, исто така, објави дека два танкера за нафта се оштетени во инцидент во близина на Ормускиот Теснец и дека еден од операторите на бродовите се сомнева во можен напад, објави „Блумберг“.

Оман потврди дека има експлозија на танкерот „Фронт алтар”, танкер во сопственост на Норвешка. Насер Селим, портпарол на Оманската крајбрежна стража, изјави дека инцидентот се случил во иранските територијални води и дека Оман е во контакт со Иран во врска со ова.

Најновите извештаи, исто така, велат дека танкерот сега е потонат.