Намален бројот на терористички напади во 2017 година

21

Бројот на терористички напади во светот во текот на 2017 година е намален за 23 отсто во споредба со претходната година, а бројката на жртви бележи намалување за 27 проценти, се наведува во извештај на американскиот Стејт департмент.

Во документот, објавен денеска, се посочува дека и покрај загубите што ги претрпе џихадистичката група Исламска држава (ИД) во Сирија и Ирак, таа и натаму претставува терористичка закана и успеала да се прилагоди на новонастанатите услови.

– Наспроти нашите успеси, терористичкиот пејзаж во текот на 2017 година стана покомплексен. ИД, Ал Каеда и организациите поврзани со нив ја покажаа својата издржливост, решителност и способност да се адаптираат и тие се адаптираа кон засилениот антитерористички притисок во Ирак, Сирија, Авганистан, Либија, Сомалија Јемен и на други места ширум светот – изјави координаторот на Стејт департментот за борба против тероризмот, Нејтан Сејлс.

Според него, овие терористички групи сега „се уште повеќе раширени и се во поголема илегала, што ги прави помалку изложени на конвенционалните воени операции“.

Во извештајот се посочува дека додека ИД трпи загуби на теренот, полека се трансформира „од организација со централна команда и контролна структура во понејасен модел“.

– Изборот на цели и планот за извршување на терористички напади, како и користењето на средства, сè повеќе се доверуваат на терористи од разлилни држави – се истакнува во документот.

Во врска со намалувањето на бројот на жртвите при терористичките напади во текот на минатата година, во извештајот се посочува дека тоа се должи на драстичното намалување на бројот на напади и жртви во Ирак.

Дури 70 проценти од смртните случаи при напади во текот на 2017 година биле во пет држави – Авганистан, Ирак, Нигерија, Сомалија и Сирија. Од друга страна, 59 отсто од нападите биле изведени во Авганистан, Пакистан, Ирак, Филипините и Индија.

– Во извештајот се потврдува дека во очите на САД, Иран е водечка земја во светот што го поддржува тероризмот. Техеран е одговорен за засилувањето на многу конфликти – нагласи Сејлс.
Покрај Иран, како земји кои Вашингтон ги обвинува за поддршка на тероризмот се посочени и Сирија, Судан и Северна Кореја.