Намалена нелегалната миграција во Европа

101

Нелегалната миграција во Европската унија минатата година падна на околу 150.000 луѓе, што е најниско ниво во последните пет години, соопшти денеска Агенцијата за контрола на границите на ЕУ – Фронтекс, а пренесе МИА.

Како што јави ДПА, миграцијата претставува политички чувствителна тема низ цела ЕУ, по огромниот прилив на над еден милион мигранти во 2015 и 2016 година.

Официјални претставници на Брисел стравуваат дека тоа прашање би можело да биде во корист на евроскептиците пред изборите за Европскиот парламент во мај.

Бројот на нелегални преминувања на границите на ЕУ регистриран минатата година се намалил за една четвртина во споредба со 2017 година и е за 92 отсто помал во споредба со миграциската криза во 2015 година, покажуваат податоците на Фронтекс.

Овие податоци се однесуваат на бројот на откриени илегални преминувања на границите на ЕУ, без да се земе предвид дека исто лице може да се обиде да влезе неколку пати во Унијата во текот на годината на различни локации.

Според Фротекс, намалувањето на миграцијата се должи на „драматичен пад” на бројот на луѓе кои го преминале Средоземното Море упатувајќи се кон Италија.

Бројот на мигранти кои пристигнале преку оваа рута се намалил за 80 отсто минатата година, на околу 23.000 луѓе. Илегалните обиди за премин од Либија во Европа, пак, се намалени за 87 отсто во споредба со 2017 година.

Меѓутоа, бројот на луѓе кои пристигнале во Шпанија преку Медитеранот, двојно се зголемил, втора година по ред, на 57.000, правејќи ја „најактивна миграциска рута во Европа”.

Мароко била главната точка за заминување кон Шпанија, а повеќето мигранти на оваа маршрута доаѓале од Субсахарска Африка.

Во Источниот Медитеран, бројот на мигранти, исто така, се зголемил, достигнувајќи 56.000. Тоа се припишува на големиот број мигранти кои ја минуваат копнената граница меѓу Турција и Грција, како и на повеќе од двојното зголемување на бројот на пристигнати мигранти регистрирани на Кипар.

Повеќето од оние што го поминале морето во источниот дел на Медитеранот биле од Авганистан, Сирија и Ирак, додека оние што влегле во Грција по копно биле главно турски државјани.

Осумнаесет проценти од сите илегални мигранти биле жени, додека речиси една петтина тврделе дека се на возраст под 18 години.

Миграцијата беше клучно прашање, што го поттикна анти-ЕУ расположението пред референдумот за излез на Велика Британија од Унијата, а исто така беше користена како предизборна тема од популистичките и десничарските партии во многу европски земји.