Назначувањето на Фон дер Лејен уште посилно ја разниша коалицијата на Салвини

133

Тензиите во владината коалиција на Италија значително се зголемија по избирањето на поранешната министерка за одбрана на Германија, Урсула фон дер Лејен, за претседател на Европската комисија (ЕК), пишува „Политико“.

Европските пратеници од десничарската Северна лига на контроверзниот Матео Салвини гласаа против избирањето на Фон дер Лејен во Европскиот парламент (ЕП), додека нивниот коалициски партнер движењето Пет ѕвезди ја поддржа германската политичарка.

Со ова, Северна лига стана единствената владеачка партија во Европската Унија (ЕУ) што отворено гласаше против Фон дер Лејен, откако премиерот на Италија Џузепе Конте ја поддржа нејзината номинација во Европскиот совет (ЕС) претходно овој месец.

Според пишувањата на „Политико“, одлуката на Северна лига да не застане зад Фон дер Лејен го разлутила Конте, по насоки за двете партии во владеачката коалиција да ги поддржат номинациите на Советот.

Коалицијата во италијанската влада веќе се соочуваше со големи несогласувања пред гласањето за новата претседателка на ЕК, по серијата чекори на партијата Северна лига на Салвини.

Обвиненијата дека Северна лига побарала руски средства пред изборите за ЕП го предизвикаа Конте да побара од Салвини, кој е министер за внатрешни работи и заменик-премиер, да се обрати во парламентот околу ова прашање, нешто што претходно тој го одби откако истото го бараше и опозицијата во Италија.