Над 50 загинати во тропско невреме во Сомалија

660

Над 50 лица загинаа во невремето проследено со силен ветер и поројни дождови, предизвикано од тропскиот циклон Сагар, што го погоди северниот дел на Сомалија.

Потпретседателот на сомалискиот сепаратистички регион Сомалиленд, Абдирахман Абдулахи изјави дека засега е потврдена смртта на над 50 лица, додавајќи дека се стравува оти бројот на загинати може да биде поголем, бидејќи неколкумина се водат како исчезнати. 

Циклонот Сагар ги погоди северна Сомалија и Џибути, откако во саботата се формира над Аденскиот Залив.

Канцеларијата на ОН за координација и хуманитарни прашање (УНОЦХА) соопшти дека циклонот погодил подрачје на кое живеат околу 669.000 лица. 

Според податоците на УНОЦХА, во налетот на невремето во Сомалиленд загинале најмалку 25 лица, а 27 други се водат како исчезнати, додека во соседниот сомалиски сепаратистички регион Пунтланд и во Џибути животите ги загубиле по две лица. 

Регионот Сомалиленд во 1991 година прогласи отцепување од Сомалија и од тогаш функционира како независна држава, иако нејзината независност не е меѓународно призната.