Навраќањето на еден од осомничените дава надеж за решавање на случајот на Медлин Мекен

317

Германски сексуален престапник е под истрага поради сомнение за убиство во случајот со исчезнувањето на Медлин Мекен од 2007 година, во рамки на истрагата која трае повеќе од една деценија, проширувајќи се во барем три држави, пишува „Њујорк тајмс“.

Четириесет и тригодишниот маж чиј идентитет не е откриен, живеел во Португалија во периодот од 1995 до 2007 година, со одредени прекини. Тој има криминално досие исполнето со обвинувања за сексуално злоставување на деца и моментно отслужува затворска казна, поради сексуален престап и уште едно злодело со дрога, како што соопшти германската полиција.

Германскиот истражител задолжен за случајот Кристијан Хопе во телевизиското обраќање апелираше до јавноста да истапи со можни информации поврзани со случајот, во надеж дека ќе биде решен. Германската полиција вети и награда од 10 илјади евра за информации кои ќе доведат до решавање на случајот.

Истражителите во Германија, Велика Британија и во Португалија работеа на случајот со години, без посериозни траги. Германецот бил меѓу стотиците можни осомничени во 2007 година, но тогаш немало доволно информации за отворање на истрага. Но, по добиените информации од британската полиција, германската полиција се навратила на осомничениот и успеала да собере докази за отворање на истрага.

– Не ја исклучуваме можноста дека покрај сторителот има луѓе со сознанија за злосторството. Можеби дури и каде било оставено телото, без да учествувале во злосторството – кажа Хопе, покажувајќи фотографии поврзани со случајот кои би можеле да доведат до информации.

Тогаш тригодишната Медлин Мекен исчезна од апартман во португалското летувалиште Праја до Луш на 3 мај 2007 година, додека нејзините родители Кејт и Гери биле на вечера во ресторан во близина.

Британската полиција покрена истрага во 2011 година, откако португалските власти не успеаја да дојдат до одговори во случајот. Досега се потрошени околу 14 милиони евра за финансирање на напорите за пронаоѓање на девојчето, но нема конкретни одговори ниту по 13 години од нејзиното исчезнување.

– Посветени сме да направиме се што можеме за да утврдиме што се случи и да ја најдеме Медлин – кажа Стјуарт Канди од лондонската полиција.