Наводниот заговор за ликвидација пак ги судри поранешниот разузнавач и саудискиот престолонаследник

149

Поранешниот водечки разузнавач на Саудиска Арабија, Саaд ал Џабри, го обвини принцот Мохамед бин Салман за испраќање на тим на агенти во Канада со цел да го убијат, пишува „Њујорк тајмс“.

Обвинувањата се истакнати во тужбата поднесена до федерален суд во САД од страна на поранешниот разузнавач кој го обвинил принцот дека се обидел да го замолкне или да го убие, со цел да го спречи да ги наруши односите на Бин Салман со САД и со американскиот претседател Доналд Трамп.

Планот наводно пропаднал кога канадската гранична полиција се посомневала дека групата што се обидела да влезе во државата преку аеродромот „Пирсон“, всушност претставува тим на платени убијци, како што покажуваат судските документи.

Тужбата е прв случај во кој поранешен висок функционер на саудиската власт јавно го обвинил принцот бин Салман, кој всушност владее со кралството, за спроведување на насилна кампања за замолкнување на критичарите.

Ал Џабри кој беше меѓу водечките функционери во министерството за внатрешни работи на Саудиска Арабија, сега живее во егзил во близина на Торонто. Принцот Бин Салман се обидел да го наговори да се врати во Саудиска Арабија. Во март Саудиска Арабија притвори две од возрасните деца на Ал Џабри и неговиот брат, што ги поттикна обвинувањата од нивните роднини, како и од властите во САД, оти тие се држени како заложници за Ал Џабри да се врати во Саудиска Арабија.

Во тужбата се тврди дека Ал Џабри во Канада бил цел на саудиски агенти, недолго откако друг тим на саудиски оперативци го убил диситентот и новинар Џамал Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул.

Тужбата на Ал Џабри содржела оскудни докази за неговите тврдења, вклучувајќи ги и оние за наводната акција во канада, а ниту „Њујорк тајмс“ не успеал да ги потврди.

Тужбата претставува последен чекор во долгогодишната битка на врвот на саудиската структура на моќта, додека принцот Бин Салман работи на консолидирање на стисокот врз власта во кралсктвото.

Ал Џабри со години бил советник на поранешниот принц Мохамед бин Најеф кој го предводел министерството за внатрешни работи. Ал Џабри бил отпуштен во 2015 година, пред принцот Бин Салман да тргне настрана Бин Најеф за да напредува во редот за наследство на престолот. Ал Џабри ја напушти Саудиска Арабија пред две години.

Во 2017 година, Саудиска Арабија издаде потерница преку Интерпол со која бара апсење и екстрадиција на Ал Џабри поради обвиненија за корупција. Интерпол сметаше дека потерницата е политички мотивирана и дека ги крши прописите на организацијата, со што го отстрани Ал Џабри од системот, според сознанијата на „Њујорк тајмс“.