Моралес не може да учествува на идните претседателски избори во Боливија

44

Привремената претседателка на Боливија, Жанин Анес изјави дека поранешниот претседател на земјата Ево Моралес не може да се кандидира на кои било следни избори, но дека неговата партија може. Таа кажа дека „Движењето за социјализам” на Моралес има полно право да учествува на изборите и дека оваа партија може да си бара кандидат, не сметајќи на доскорешниот претседател и поранешниот потпретседател на Боливија, Алваро Гарсија Линера.

Анес порача дека сака повторно да се воспостави стабилност во Боливија, но дека приврзаниците на Моралес, кој се засолни во Мексико, ја обвинуваат за присвојување на власта. Моралес во неделата поднесе оставка на барање на армијата, по повеќенеделните масовни демонстрации заради наводната кражба на изборите од 20 октомври, по кои тој тврдеше дека го обезбедил четвртиот претседателски мандат уште по првиот круг од гласањето.