Молчењето ја врати Челси Менинг во затвор

133

Поранешната аналитичарка на разузнавачката служба, Челси Менинг се врати назад во затвор, откако повторно одби да сведочи во врска со истрагата за „Викиликс“, пренесува Би-би-си.

Менинг (31) беше притворена за непочитување на судот, откако одби да прикаже доказ пред поротата, изјавија од нејзиниот правен тим.

Таа беше ослободена од затвор минатата недела, откако отслужи двомесечна казна поради одбивање да сведочи.

Пред сослушувањето, синоќа, таа се изјаснила дека и понатаму нема да сведочи.

– Јас нема да се согласам со оваа порота – изјавила за новинарите пред судот во Александрија, Вирџинија.

Таа ќе остане во притвор сѐ додека не се согласи да сведочи или додека не истече мандатот на поротата, за 18 месеци.