Молба до Канје да не се кандидира за претседател

381

Став на Дин Обидала

Си-ен-ен

Канје Вест вечерта во саботата преку Твитер соопшти дека ќе се кандидира за претседател. Тој во својата објава на социјалната мрежа напиша дека „сега мора да се реализира ветувањето на Америка со доверба во Господ, со обединување на нивната визија и градење на нивната иднина“ заедно со хаштагот #2020Визија. Потоа ја замислив иднината со Канје како претседател, неговата сопруга Ким Кардашијан како првата дама, неговиот другар Илон Маск како јавен обвинител, Клои Кардашијан како државна секретарка, а ние останатите како се селиме во Канада, Мексико или во секоја друга држава што ќе ни даде азил.

Вест, кој во 2009 година скандалозно ѝ го украде микрофонот на Тејлор Свифт на музичките награди на Ем-ти-ви, по девет години одржа долг говор во Овалната канцеларија пред Доналд Трамп, кој остана запаметен по реченицата дека „Трамп е на неговото херојско патување и дека можеби не се надевал дека ќе го поддржува луд мангуп како него“. Вест е поддржувач на Трамп и кој мора да се соочи со низа процедурални пречки за да се најде на кандидатските листи во ноември. Но ова не е првпат јавно да соопшти дека сака да се кандидира за претседателската функција во Белата куќа. Неговата сопруга и Маск веќе му изразија поддршка. Не пијам алкохол, но сериозно ќе размислам да почнам.

Ова може да заврши како уште еден медиумски трик на Вест, иако на одредено бизарно ниво, неговата кандидатура има смисла. Сегашната Америка е на работ на пропаст во голема мера поради катастрофалното справување на Трамп со корона-кризата и економијата. Постои причина зошто во една скорашна анкета на универзитетот „Монмаут“, на прашањето дали Американците веруваат дека државата е на вистинска или на погрешна патека, 74 отсто од испитаниците ја поддржаа втората опција. Тогаш кој најдобро да застане на кормилото на нацијата, отколку уште една неквалификувана и егоцентрична позната личност?!

Во неделата социјалните медиуми беа преплавени со шпекулации за објавата на Вест. Некои велат дека тој намерно се кандидира за да му ги земе афроамериканските гласачи Џо Бајден, кандидатот на демократската партија. Други го тврдат спротивното, истакнувајќи дека Вест може да привлече дел од малиот процент на афроамерикански гласачи кои го сакаат Трамп, или оние кои го поддржуваат Трамп затоа што сакаат „да го срушат системот“. Трети велат дека Вест нема вистински да се кандидира, туку само го промовира новиот албум. Четврти, веројатно со право, истакнуваат дека Вест само сака внимание исто како Трамп.

Ова претставува најголема загриженост. Вест има секакво право да се кандидира за претседател. За жал медиумите, како оние што постојано известуваа за Трамп, истото ќе го сторат со Вест (барем на почеток) затоа што е позната личност, па ќе има висок рејтинг и бројни прегледи на социјалните мрежи. Но ова не е игра. Не сме на доделување на награди на „Ем-ти-ви“. Сега живееме во време кога Вест може да се гледа како интересно пренасочување на вниманието. Но, всушност живееме во опасни времиња кои наложуваат сериозно, информирано лидерство, а не уште една позната личност водена од своето его за да добие внимание. Веќе го проживеавме тоа сценарио во изминатите четири години. Кандидатурата на Вест ќе привлече уште поголемо медиумско внимание и дополнително ќе ги замрси нештата во време кога вирусот се шири низ државата.

Ништо во професионалната биографија на Вест како пејач награден со „греми“ и со минато на непредвидливо однесување, не покажува дека е подготвен за да ја извршува функцијата на претседател, а особено не во сегашниве услови. Ова значи дека неговата кандидатура само би била опасно свртување на вниманието во време кога Американците секојдневно умираат од смртоносниот вирус и очајнички се борат да врзат крај со крај во месецот. Очигледен е чекорот на Вест, но за доброто на напатената американска нација, се надевам дека Вест ќе се откаже од кандидатурата и ќе ги оствари своите граѓански права на поконструктивен начин.

Превод: Билјана Здравковска