Можно ли е прекинување на трговските односи помеѓу САД и Кина?

183

Конфликтот помеѓу Вашингтон и Пекинг излезе од рамките на трговијата, при што Белата куќа се обидува да ја истисне Кина од глобалната економија. Кинеските експерти предупредуваат на опасноста од можно прекинување на економските односи помеѓу Кина и САД и ги повикуваат властите во Пекинг да се подготват за таквото сценарио

Кинеските економисти предупредуваат на опасноста од можно прекинување на економските односи помеѓу Кина и САД и ги повикуваат властите во Пекинг да се подготват за таквото сценарио. Конфликтот помеѓу Вашингтон и Пекинг, според експертите, излезе од рамките на трговијата, при што Белата куќа се обидува да ја истисне Кина од глобалната економија. Од кинеската престолнина неодамна пристигнаа јасни сигнали дека трговски договор помеѓу двете земји е можен само доколку администрацијата на претседателот Доналд Трамп ги укине царините за производите увезени од Кина.

– Теоретски, таква економска поделба е сосема можна. Конечната цел на САД е да ги запре подемот и економскиот пораст на Кина. Прекинувањето на трговските врски може да се смета за стратегиска уцена на Вашингтон, во напорите за попречување на Кина да стане уште посилна – оценува Ли Ксингјанг, директор на Националниот институт за меѓународни стратегии при Кинеската академија на општествени науки.

Некои од кинеските економски експерти сметаат дека е малку веројатно да се случи таква поделба поради длабоките економски и трговски врски помеѓу двете земји.

Сепак, тие го повикуваат официјален Пекинг да биде особено внимателен.

– Тоа не е причина да не го проучуваме таквото сценарио. Во најцрното сценарио, Кина може целосно да биде одделена од остатокот на светот. Во подобар случај, може да дојде до одвојување на Кина и САД, што ќе значи дека Пекинг ќе може да ја продолжи трговската соработка со други западни држави, како и со државите во развој – наведува Ли.

Прекинот на односите исто така може да влијае на кинеската отвореност во иднина. Во Пекинг, како што пренесува „Геополитика“, се постигнува консензус за тоа дека поголемиот пристап до кинескиот пазар за остатокот на светот може да помогне во надминување на несигурноста од трговската војна со Вашингтон.

Сун Јие, аналитичар од Институт за светска економија и политика при Кинеската академија за општествени науки, предупредува дека ривалството помеѓу Кина и САД не може да биде решено со еден договор. Сун оценува дека Кина би можела повеќе да соработува со своите азиски соседи, за да се подготви за можното прекинување на врските со САД.

По сѐ изгледа, како што наведува порталот „Геополитика“, кинеските економски експерти многу посериозно го разбираат проблемот на американско-кинеската трговска војна, отколку што го прават тоа нивните колеги од САД, кои во своите анализи пречесто (не)свесно влегуваат во сферата на внатрешноамериканските политички спорови и пресметки, од што произлегуваат позитивни или негативни оценки за ефектот од некои одредени потези на Трамп, вклучувајќи ги и оние стратегиските. Таквиот начин на размислување, кој изминатите години воопшто е доминантен на американската медиумска и аналитичка сцена, не носи добро за самите американски интереси, бидејќи недостигот од професионален пристап на проблемите, кој им го отстапува местото на идеолошките и политичките страсти, го оневозможува нивното право согледување.

Од друга страна, Лиу Кинг, професор по економија на универзитетот „Ренмин“, предупредува и на опасностите за кинескиот технолошки сектор, ако другите земји одлучат да ја намалат нивната зависност од ресурсите и производите од Кина.

– Политичарите мора подобро да ги менаџираат меѓународните односи, бидејќи напредните и економиите во развој ја искористуваат трговската војна за да ги заменат кинеските снабдувачи во некои од нивните индустриски гранки. Треба да избегнеме да бидеме победени од група земји – додава Лиу.

Портпаролот на кинеското министерство за трговија Гао Фенг пред неколку дена порача дека трговски договор би можел да биде постигнат само ако Вашингтон ги укине сите тарифи за кинески производи. Неговата изјава следуваше откако кинескиот претседател Си Џинпинг и Трамп се согласија на кревко примирје и повторно ги почнаа замрзнатите разговори при нивната средба на маргините на самитот на Г20 во јапонскиот град Осака.

На 6 јули 2018 година, Вашингтон ја воведе првата рунда казнени тарифи за кинески производи, во вредност од 36 милијарди долари, додека, пак, Кина возврати со воведување царини за ист износ на американски производи, почнувајќи ја серијата удари и контраудари во трговската војна. Но ривалството се префрли од трговијата на технологијата и безбедноста, при што некои експерти предупредија на почетокот на „нова студена војна“:

На неодамнешниот економски форум во Санкт Петербург, кинескиот претседател порача дека не сака прекинување на економските односи со Вашингтон и дека се сомнева оти и Трамп го посакува истото тоа. Според кинеското МНР, прекинувањето на односите би било опасен и неодговорен чекор, кој не би добил никаква поддршка. Во меѓувреме, во отворено писмо до Трамп, повеќе од сто американски академици, надворешнополитички експерти и бизнис-лидери предупредуваат дека исклучувањето на Кина од глобалната економија ќе им наштети на глобалните интереси на Вашингтон.