Може ли светот да издржи уште една година во пандемија

110

Повеќе експертски толкувања велат дека е тешко да се предвиди каква ќе биде идната година и дека уште една ваква година со коронавирус ќе биде невозможна мисија за некои држави низ светот. Сепак, и покрај ваквите прогнози, некои од аналитичарите се убедени дека со вакцината против ковид-19, животот и економијата, но и глобалната политичка слика, наскоро ќе се стабилизираат

Нема сомнение дека 2020 година беше ужасна година. Пандемијата на коронавирусот создаде нови предизвици речиси за секого и стави пауза на животот каков што го знаеме, притоа одземајќи многу животи. Како што се приближуваме кон крајот на годината, многумина се прашуваат дали 2021-та ќе биде исто толку тешка година, потешка или полесна, но и дали светот би можел да издржи уште една година како оваа, во економска, политичка, но и секаква друга смисла. Повеќе експертски толкувања и написи во медиумите велат дека, и покрај позитивните вести за евентуалната вакцина против коронавирусот, ќе биде многу тешко да се предвиди каква може да биде идната година. Засега новата година преставува мистерија, бидејќи државите сѐ уште преземаат драстични мерки во насока на сузбивање на коронавирусот, кои директно се одразуваат врз нивните економии, политики и државни уредувања.

Животот нема да се врати во нормала дури ни со вакцината

Сузан Хасиг, професорка по епидемиологија на универзитетот „Тулејн“, вели дека иако оваа недела имаше позитивни вести за напредокот во создавањето вакцина против ковид-19, а вакцината би решила многу проблеми, при што би ја зголемила и безбедноста на многумина, лекот нема да биде брзо решение. Во игра се многу фактори што ќе одлучат како ќе се одвива следната година, за кои има и некакви предвидувања.
– На почетокот од 2021 година бројот на заразени лица нема да се намалува и покрај вакцинацијата на населението низ светот. Бројките на нови случаи ќе останат високи некаде до мај 2021, а властите на државите ќе мора да ги преиспитаат мерките. Сепак не се очекуваат некакви големи промени во мерките, бидејќи луѓето и понатаму ќе носат маски и ќе одржуваат физичко растојание во јавноста. Тоа значи дека не треба да очекуваме дека физичкото дистанцирање нема да продолжи за да се намали ширењето на грипот и на другите респираторни вируси – објаснува Хасиг.
Тоа, според професорката, во исто време потврдува дека пандемијата нема да заврши само затоа што ќе дојде 31 декември, а потоа 1 јануари. Според неа, овој вирус ќе биде со нас додека не го собориме, а за тоа е потребен колективен, заеднички напор, кој сепак може да се постигне.

Олабавување на мерките за паралелен пораст на
светската економија

Во меѓувреме, најновите процени на Меѓународната организација на трудот при ООН наведуваат дека половина од светската работна сила, поточно неверојатни 1,6 милијарда луѓе, би можело да остане без средства за живот во првата половина на 2021 година. Соочени со пораст на невработеноста среде пандемијата на коронавирус, земјите реагираат со најразлични пристапи. Во тој контекст, ова тело на ОН предвидува дека светската економија дополнително ќе претрпува притисок и во идната година, а мало подобрување во тој контекст би можело да се очекува со зголемување на работното време по пуштањето на вакцината во употреба. Според Меѓународната организација на трудот, ваквата комбинација со вакцинирање на населението би придонела за отворање нови 305 милиони работни места низ светот и враќање во живост на светската економија. Во интервју за „Рајнше пост“, Армин Лажет, премиер на најголемата германска провинција Северна Рајна-Вестфалија, на оваа тема истакнува дека општеството и светската економија не се во состојба да издржат уште една година како оваа, обележана со пандемија и остри мерки против неа.
– Не можеме да затвориме сè трајно, а државата да покрива милијарди измерени во загуби од месец на месец. Пристигнувањето на вакцината во јануари може да овозможи „паметни и долгорочни“ концепти за „живот со пандемија“, кои на глобално ниво ќе треба да се усвојат за животот и економијата, но и глобалните политики да се вратат во нормала – вели Лажет.

Глобалната соработка проблем и во идната година

Во исто време, „Форин полиси“ на оваа тема пишува дека со сигурност болеста што цела оваа година уништи милиони животи и доведе до трајни промени на политичките и економските сили на начини што допрва ќе станат јасни, ќе продолжи да влијае и во наредната. Според магазинот, пандемијата во наредниот период може дури и да го засили внатрешниот раздор во државите, но и дополнително да го поттикне национализмот на глобално ниво.
– Тоа што нема да се смени е фундаментално конфликтната природа на светската политика. Претходните чуми, вклучувајќи го шпанскиот грип во периодот помеѓу 1918 и 1919 година, не му ставија крај на ривалството на големите сили, а не означија ниту влез во нова ера на глобална соработка. И наредната година ќе бидеме сведоци на големо повлекување од хиперглобализацијата, додека граѓаните ќе очекуваат ранливите влади да ги заштитат. Накратко, ковид-19 ќе создаде свет што е помалку отворен, помалку просперитетен и помалку слободен. Не мораше да биде вака, но комбинацијата од смртоносниот вирус, неадекватното планирање и неспособното водство на светските лидери го однесе човештвото на нова загрижувачка патека – наведува магазинот.
Според „Форин полиси“, враќањето на глобализацијата што ни беше позната пред пандемијата може да се случи единствено преку успешно вакцинирање на населението, што ќе биде голем предизвик за годината што доаѓа.