Мноштво предизвици за тимот на Бајден

99

Со силно воено обезбедување во Вашингтон, но и во услови на пандемија, мина инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, станувајќи 46-от претседател на најмоќната држава во светот. Истовремено Камала Харис е првата Афроамериканка жена потпретседател на САД. Меѓу главните предизвици на новиот американски претседател во неговиот четиригодишен мандат ќе бидат односите со Северна Кореја, битката со ковид-19, високата невработеност дома, но и една од најважните работи во земјата, а тоа е целосно обединување на нацијата

Со силно воено обезбедување во Вашингтон, но и во услови на пандемија, новоизбраниот претседател Џо Бајден ја презеде должноста претседател на САД, станувајќи 46-от претседател на најмоќната држава во светот. Полагајќи ја заклетвата, 78-годишниот Бајден истовремено стана и највозрасниот претседател што бил на чело на највисоката американска државничка функција. Во својот говор пред заминувањето на инаугурацијата во Капитол, претседателот Бајден одржа емотивно обраќање во Делавер, каде што борејќи се со солзите додека зборуваше за својот покоен син Бо ѝ се заблагодари на својата матична држава, која ја претставуваше како сенатор повеќе од 30 години.
– Простете ми за емоциите, но кога ќе умрам, во срцето ќе ми пишува Делавер. Во овој момент жалам единствено што не е тука мојот син да го види обединувањето на Америка како никогаш досега – додаде Бајден, кој е познат како политичар што не ги крие своите чувства, особено по повеќе семејни трагедии.

Посебни безбедносни мерки за свеченоста

Во меѓувреме, за време на инаугурацијата центарот на Вашингтон беше под силно обезбедување од страна на 25 илјади припадници на Националната гарда, а беа поставени и огради со боцкава жица, поради стравот од можни закани и напади од групите што упаднаа во Конгресот на 6 јануари. Многу улици во центарот беа блокирани, а десетици метро-станици исто така беа затворени.
– Не сакаме огради и да гледаме вооружени војници на нашите улици, меѓутоа моравме така да постапиме по обидот на таканаречените патриоти да ја соборат Владата – рече градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Баусер.

Кои ќе бидат првите одлуки на Бајден

Паралелно со ова, „Журнал стар“ пишува дека во првите денови откако Бајден ќе се всели во Белата куќа, тој заедно со неговиот тим ќе мора да донесе важни одлуки, меѓу кои и за битката со ковид-19, релациите со Северна Кореја, високата невработеност дома, но и една од најважните работи во земјата, а тоа е целосно обединување на нацијата. Како што наведува угледниот американски весник, администрацијата на Бајден исто така во наредниот период ќе треба да донесе одлука за контролата на вооружувањето, од која ќе зависи дали ќе биде спречена, односно запрена нова трка во вооружување во светот. Истовремено, новата влада во Вашингтон ќе биде изложена на притисокот да го спаси нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, кој забрзано пропаѓа откако Доналд Трамп во 2018 година нареди повлекување на САД од договорот. Од тимот на Бајден за национална безбедност се очекува за неколку месеци да се изнесе и првото барање за буџетот за одбрана, а тоа подразбира и одлука за тоа дали да продолжат, да се запрат или укинат програмите за нуклеарно вооружување што ги започна Доналд Трамп.

Трамп посака успех за новата администрација

Инаку, Доналд Трамп во своето проштално видео, на последниот ден од мандатот, синоќа ги повика Американците да „се молат за успех“ на администрацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден.
– Оваа недела инаугурираме нова администрација и да се помолиме за нејзин успех во одржување безбедна и просперитетна Америка – истакна Трамп во дел од видеопораката што ја објави Белата куќа. +
Тој во говорот ги цитираше, како што рече, успесите на неговиот четиригодишен мандат, но не го спомна Бајден во делот од видеопораката што беше објавена.


Финансиска мина за Трамп по заминувањето?

Уште од денеска, кога всушност му истекува мандатот на Трамп, тој ќе зачекори во финансиско минско поле, предупредува „Њујорк тајмс“. Според весникот, неговиот бизнис се одвиваше лошо дури и пред пандемијата, каде што сега тој ќе мора да плати стотици милиони долари од заеми направени од неколку години додека е на власт. Исто така, Трамп се соочува со казна од 100 милиони долари за затајување данок и многу други тужби со неизвесен исход. Од она што е познато, веќе следната година тој треба да исплати заем од 100 милиони долари, за кој ја стави под хипотека кулата „Трамп“. Потоа, во 2023 година, тој треба да врати 125 милиони долари за центар за голф во Флорида, а во 2024 година уште 170 милиони долари за хотел во Вашингтон, кој само ги проголта неговите пари. Трамп лично гарантираше за поголемиот дел од тој долг, што значи дека може да остане без лична сопственост.