Многу неразјаснети моменти по самоубиството на милијардерот Епстајн

490

Светските медиуми пишуваат дека има многу неразјаснети моменти и прашања за тоа како американскиот милијардер Џефри Епстајн успеал да се самоубие во ќелијата во затворот Метрополитан на Менхетн. Осрамотениот милијардер чекаше судење за наводна сексуална злоупотреба на десетици малолетни девојки во Њујорк и на Флорида, кое беше предвидено за следната година.

Претходно минатиот месец, Епстајн беше пронајден полусвесен во неговата келија, откако и тогаш се обидел да си го одземе животот. Градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио, повика на целосна истрага, велејќи дека целата ситуација е премногу „погодна“.

– Многу од нас ги интересира што точно знаел Епстајн. Колку други милионери и милијардери биле дел од нелегалните активности во кои учествувал и тој. Сепак, тие информации не заминаа со него и сето тоа ќе биде истражено – посочи Де Блазио.

Познатиот бизнисмен се соочи со обвиненија дека предводел операција за секс-трговија која намамила голем број на малолетни девојки на возраст од 13-14 години во неговиот дом, на Мехнетн, во периодот помеѓу 2000 и 2005 година. Тој беше уапсен на 6 јули на аеродром во Њу Џерси, по неговото враќање од Франција. Епстајн се соочуваше со максимална затворска казна од 45 години. Властите идентификувале 36 потенцијални жртви, а медиумите проценуваат дека нивната бројка би можела да достигне стотина девојки.

Епстајн (66), се изјасни за невин по обвиненијата и беше притворен без можност за ослободување со кауција. Неговото самоубиство се случи еден ден по објавувањето на стотици страници на документи кои открија негова поврзаност со други влијателни личности во САД.