Мистерија го обвива осуетениот заговор за соборување на Мадуро

444
Кливер Алкала

Се почна со рутинска полициска контрола на пат во северна Колумбија. Неколку дена подоцна владата на Венецуела тврдеше дека има доказ за осуетен заговор за „ослободување“ на државата од социјалистичкото владеење, што има сличности со поранешните неуспешни напори за соборување на режимите во Латинска Америка, пишува „Фајненшл тајмс“.

Деталите на наводниот заговор се нејасни. Властите во Вашингтон негираат дека тој постоел, но заговорот доаѓа во време на зголемени тензии помеѓу САД и Венецуела, додека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги засилува напорите чија цел е принудување на венецуелскиот претседател Николас Мадуро да ја отстапи власта.

Приказната почна во Колумбија на 23 март, кога полицијата сопре комбе кое се движеше кон Венецуела на Карипскиот брег. Во него, според информациите од колумбиското обвинителство биле пронајдени 26 американски полуавтоматски пушки, шлемови, очила за ноќно гледање и друга опрема.

Три дена подоцна поранешниот венецуелски генерал Кливер Алкала кажа оти тој е одговорен за пратката. Во нејасно и контрадикторно радио-интервју, Алкала тврдеше дека тој и неговите поддржувачи „се посветени на ослободувањето на Венецуела и планирале воена операција против диктатурата на Мадуро“.

Алкала кој живее во Колумбија по несогласувањата со владата во Каракас, кажа дека американските советници, кои ги опиша како добавувачи што работат за одредени компании, знаеле за заговорот. Исто како и опозицискиот лидер Хуан Гваидо. Тие, заедно со колубиските политичари, потпишале договор со кој го одобруваат заговорот, додаде Алкала без да го покаже документот.

Во Венецуела Владата ги искористи неговите изјави како доказ за тврдењата кои ги изнесуваат веќе подолго време, според кои Гваидо, САД и Колумбија работат заедно за насилно да го соборат режимот на Мадуро.

 – Ова е кампања која почна во Мајами, Вашингтон, во Колумбија, за оправдување на државниот удар… Војската, тие подготвуваа терористички напади против Венецуела. Американската влада стои зад ова. Колумбискиот претседател Иван Дуке стои зад ова – кажа Мадуро.

Венецуелскиот јавен обвинител му наложи на Гваидо да сведочи, што опозицискиот лидер го одби, знаејќи дека ваквата постапка може да доведе до негово апсење, негирајќи ги тврдењата дека знаел за заговорот.

Американскиот специјален претставник за Венецуела Елиот Абрамс, ги нарече лажни тврдењата дека Гваидо склучил договор со Алкала за соборување на Мадуро.

Тврдењата на Алкала дојдоа само неколку часа откако министерството за правда на САД го обвини него, како и Мадуро и други претставници на власта во Венецуела, за „нарко-тероризам“. Американските власти понудија награда од 15 милиони долари за информации што ќе доведат до апсење на Мадуро, а 10 милиони за апсењето на Алкала. Поранешниот генерал им се предаде на американските власти преку Колумбија и сега е испитуван од надлежните служби во САД. Каракас и Вашингтон и натаму нудат различни објаснувања за ситуацијата. Венецуелците тврдат дека Алкала е американски агент, а Американците оти тој делувал под наредба на власта во Каракас.