Мистериозниот коронавирус веројатно почнал од диво животно

172

Новиот вид коронавирус, од кој досега починаа девет, а заразени се стотици луѓе, веројатно се проширил преку нелегална трговија со животински свет, тврдат кинески научници, а пренесоа новинските агенции.

Гао Фу, директор на Кинескиот центар за контрола и превенција на болести и член на Кинеската академија на науките, им кажал на новинарите дека се претпоставува оти вирусот се проширил од пазар во градот Вухан во централна Kина, каде што мутирал и почнал да се пренесува од човек на човек.

– Од досега достапните информации, изворот на вирусот е диво животно, кое се продава на пазарите за морска храна – истакнал Гао.

– Вирусот од дивите животни постепено мутира – објаснил тој.

Се верува дека корона вирусот го пренесуваат малите цицачи познати како цибетки, диво животно кое во Кина многумина го сметаат за деликатес.

Кинеските власти сепак досега не прецизираа за кое животно се сомневаат оти е носител на новиот коронавирус, кој се шири од Вухан.