Минеаполис ветува дека ќе ги расформира полициските служби

215

Мнозинството советници од Градскиот совет на Минеаполис ветија дека ќе го распуштат локалниот полициски оддел, што претставува значаен потег за време на националните протести, предизвикани од смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд при апсење минатиот месец во градот. Активистите и досега бараа расформирање на полициските служби или намалување на полициските буџети во САД како одговор за намалување на полициската бруталност и расизмот во земјата, но сега добиваат поддршка од гувернери и од законодавци.

Девет од 13-те советници велат дека со потегот ќе се создаде „нов модел на јавна безбедност“ во град во кој полицијата е обвинета за расизам. Градоначалникот Џејкоб Фреј претходно се спротивстави на потегот, предизвикувајќи негативни реакции од демонстрантите. Активистите, пак, велат дека тоа е пресврт. Од друга страна, аналитичарите велат дека Минеаполис сега може да очекува долга и сложена дебата за полициското работење и останува нејасно каква форма ќе преземат структурните реформи, пренесува Би-би-си.

Смртта на Флојд во полициски притвор предизвика масовни и насилни протести против расизмот и полициската бруталност. Полицаецот што клечеше врз вратот на Флојд речиси девет минути е отпуштен и е обвинет за убиство. Тројца други офицери што биле на местото на настанот при апсењето исто така се отпуштени и обвинети за помагање и поттикнување.

Подготвил: Игор Даниловиќ