Миењето раце е луксуз во некои земји

95

Додека Европа и остатокот од развиениот свет се изолираат и мијат раце за да се заштитат од ковид-19, многу луѓе во сиромашните земји не можат да ги следат овие препораки на СЗО. Овој проблем е најизразен во Африка

Околу една милијарда луѓе живеат во услови на сиромаштија, што претставува 30 отсто од светското урбано население. Објектите за домување во густо населените населби во кои живеат овие луѓе се со вентилација, дренажа и канализација и во такви услови лесно се шират заразните болести. Додека Европа и остатокот од развиениот свет се изолираат и мијат раце за да се заштитат од коронавирусот, милиони луѓе во овие сиромашни земји не можат да ги следат основните препораки на Светската здравствена организација (СЗО) зашто ги немаат потребните услови. Овој проблем е најочигледен во земјите во Африка, каде што забрзано почна да се шири пандемијата на коронавирусот.

Селестин Адијамбо (43) живее во сиромашниот град Мукуру, близу Најроби, во Кенија, заедно со сопругот и шесте деца. Еднособната куќа нема ни вода ни струја. Таа вели дека децата не можат да се движат во куќата без да се потчукнат.
– Речиси е невозможно да ги разделиме децата во случај на зараза. Немаме доволно простор, немаме соби. Владата треба да ги однесе заразените лица во болници. Загрижена сум. Ако вирусот се рашири, тоа ќе биде страшно – вели Адијамбо за Би-би-си.
Нејзиниот сопруг е столар и во деновите кога работи заработува околу четири долари, семејството секој ден троши поголем дел од овие пари за да купи десет кофи вода. Но снабдувањето е најтешко во деновите кога нема вода.
Во Мукуру живеат над половина милион луѓе. Куќите се главно направени од картони или од пластика, а малку подобрите имаат преградни железни плочи. Тие немаат канализација и повеќето од фекалиите директно се слеваат во реката.
Локалната невладина организација „Мерси Мукуру“ раководи со четири основни училишта во областа со вкупно околу 7.000 ученици.

– Речиси половина од учениците не можат да си дозволат сапун – вели Мери Килин.
Пјер Мпеле, бивш претставник на СЗО, кој работел во многу земји во Централна и Западна Африка, објаснува дека африканските домаќинства може да бидат пренатрупани и дека во некои случаи има и до 12 лица во една просторија.
– Самоизолацијата не е можна на многу места – објаснува тој.
Со пристапот до вода не се борат само сиромашните квартови. Тоа е проблем и за поголемите градови како Јоханесбург.
Попи Ламбертон од Универзитетот во Глазгов вели дека африканските влади мора да преземат повеќе мерки за да се надминат барем некои од проблемите.
– Некои влади се финансиски премногу слаби, но не се толку сиромашни како луѓето. Во случај на појава на епидемија, тие треба да бидат во можност да го изолираат целото општество – смета Ламбертон.
Бившиот претставник на СЗО, Мпеле, се залага организацијата да подготви упатства што ќе бидат наменети за земјите во развој.

– Одбраната од вирусот недоволно брзо се развива во Африка – вели тој.
Во меѓувреме, во Мукуру, граѓаните велат дека ништо не е променето во изминатите неколку недели. Адијамбо нагласува оти се чувствува беспомошно.
– Му се молам на Бога да нѐ чува од овој вирус – порачува таа.