Меркел и Путин најдоа заеднички јазик

133

Кога Меркел зборува за големата одговорност што Берлин и Москва ја имаат во централните конфликти, како Сирија или Украина, таа пред сѐ мисли на стабилноста за враќање на бегалците во Сирија. Тоа го намалува притисокот во дискусијата за миграцијата што се води внатре во Германија

Германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот претседател Владимир Путин три часа разговараа во близината на Берлин. Ова е нивна прва билатерална средба од 2014 година, односно од руската анексија на Крим. Сепак, како што оценува Дојче веле, двајцата искусни политичари повторно ги спои американскиот претседател Доналд Трамп.

Германските медиуми наведуваат дека самиот формат на овој состанок доволно говори – Путин и Меркел дадоа изјави за медиумите само пред средбата, а прашања не беа дозволени. Во текот на тие десет минути за јавноста, двете страни намерно ги избегнуваа клучните работи, како стари добри политичари.

Според Дојче веле, кога Меркел зборува за големата одговорност што Берлин и Москва ја имаат во централните конфликти, како Сирија или Украина, таа пред сѐ мисли на стабилност за враќање на бегалците во Сирија. Тоа го намалува притисокот во дискусијата за миграцијата што се води внатре во Германија.

Но таа не успеа да го убеди Путин со руски гаранции за снабдување со гасот да ја стабилизира Украина. Рускиот претседател продолжува со гасоводот „Северен тек 2“, кој го претставува како „чисто економски проект“. Путин исто така порача дека може да се најдат други области за економска соработка.

Па, така, откако Доналд Трамп политички жари и пали, односите со Москва одеднаш не изгледаат толку лошо, а беа навистина лоши. Од руската анексија на Крим, токму Меркел беше таа што ги организира заедничките европски санкции против Русија. Но откако е Трамп на власт, двете страни одеднаш сфатија дека тоа се лоши времиња.
Руското мешање во американските избори, можната вмешаност на Москва во случајот „Скрипал“ во Британија, тоа сега и не е толку важно, Русија и Германија си се потребни една на друга. Тие заедно треба да го спречат најлошото, како што е конечниот крај на нуклеарниот договор со Иран. Исто така во Берлин одамна се признава дека ситуацијата во Сирија може да се стабилизира само со помош на Москва, а можеби и со учество на Асад. Путин веднаш даде до знаење дека тоа нема да биде евтино за Германија.

Путин и Меркел одамна се познаваат и во јавноста е доволно некои работи само да се најават. А тогаш, зад затворени врати, долгогодишните партнери може да се опуштат и да почнат со расправиите, заклучува Дојче веле.


Меркел: Мора да се продолжи со потрагата за решение за украинската криза

Германија и Русија мораат да продолжат да трагаат за решение на судирите во Украина, а договорите од Минск остануваат основа за решение, истакна германската канцеларка Ангела Меркел.
– Веќе долго време работиме на тоа, а договорите од Минск беа и ќе останат основа за решение на судирите. Иако морам да кажам дека сѐ уште нема стабилен прекин на огнот – изјави Меркел пред почетокот на средбата со рускиот претседател Владимир Путин.