Меркел: Исламската држава е далеку од пораз

94

Џихадистичката група Исламска држава (ИД) е далеку од поразена и таа сега, откако ја загуби речиси целата територија што ја контролираше во Сирија, се претвора во асиметрична воена сила, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел.

– Таканаречената Исламска држава, за среќа, е истисната од својата територија, но тоа, за жал, не значи дека ИД исчезнала, порача Меркел во обраќањето на пуштањето во употреба на новото седиште на германската разузнавачка служба БНД во Берлин.

Ваквата изјава на Меркел е во спротивност со тврдењето на претседателот на САД, Доналд Трамп дека Исламската држава е поразена.

– Таа се трансформира во асиметрична воена сила. А тоа, секако, е закана, заклучи германската канцеларка.

Меркел истакна дека следењето на настаните во Сирија е еден од главните приоритети на БНД, што подразбира и следење на кибер заканите и лажните вести, осмислени со цел да се влијае на демократските избори.

Според неа, ширењето лажни вести е „дел од кибер војната“.

Во новото седиште на БНД ќе бидат сместени 4.000 работници на агенцијата, кои ќе мораат да се преселат од сегашната локација во близина на Минхен.

За изградба на новото седиште во центарот на главниот град на Германија, беа потребни повеќе од 10 години, а целиот проект чинеше повеќе од 1,4 милијарди евра.