Меридијани

22

Каиро – Поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак почина на 91 година. Мубарак, кој беше на чело на Египет речиси 30 години, се повлече по големите демонстрации во 2011 година. Тој беше четврт претседател на Египет, а на власт дојде во 1981 година. Од функцијата претседател се повлече под притисок на демонстрациите, кои подоцна станаа познати како Арапска пролет.
Новите власти го ставија зад решетки, поради голем број обвиненија врзани за корупција, но беше пуштен од затвор во 2017 година, откако повеќето од обвиненијата беа отфрлени.

Берлин – Германската полиција соопшти дека 52 лица, меѓу кои и 18 деца, се повредени кога маж со автомобил влетал во карневалска поворка во градот Фолкмарсен, во Западна Германија. Според болнички извори, 35 лица се потешко повредени, а 17 добиле полесни повреди. Полицијата го уапсила 29-годишниот возач под сомнение за обид за убиство, но тој не бил во можност да биде сослушан бидејќи добил повреда на главата. Некои медиуми известија дека се верува оти возачот бил под дејство на алкохол, па дури и дрога, но полицијата досега не ги потврдила овие информации.

Ватикан – Резултатите од меѓународната студија на асоцијацијата „Светски лидери“ покажуваат дека папата Франциск е најдобро прифатен лидер на глобално ниво, при што ја добил поддршката на 53 отсто од испитаниците. По него следуваат германската канцеларка Ангела Меркел, која веќе втора година едноподруго има најголема популарност меѓу светските политички лидери, како и францускиот претседател Емануел Макрон, кој пред три години првпат се појави на листата на најпопуларни лидери во светот. Рускиот претседател Владимир Путин е на четвртото место, а зад него е претседателот на САД, Доналд Трамп. Најниско рангирани лидери се иранскиот претседател Хасан Рохани и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кои имаат поддршка од 21 процент.

Форталеза – Бразилските власти соопштија дека 147 лица биле убиени во североисточната држава Цеара, во првите пет дена од штрајкот на полицијата. Стапката на убиства е пет пати поголема во споредба со просечната и покрај распоредувањето на војската да патролира по улицата. Над 200 полицајци, кои бараат покачување на платите, биле суспендирани поради учество во штрајкот.