Меридијани

76

Лондон – Руски хакери искористиле иранска операција на сајбер-шпионажа за да нападнат владини и индустриски организации во дваесетина земји и да прикажат дека нападите доаѓаат од Иран, тврдат британски и американски власти. Тие велат дека руската хакерска група „Турла“ искористила ирански алатки и компјутерска инфраструктура и успешно хакирала организации од најмалку 20 земји во изминатите 18 месеци.

Цирих – Бројот на богати Кинези првпат го надминал бројот на богати Американци, иако двете земји продолжуваат да „произведуваат“ сѐ повеќе милионери, покажува истражување на швајцарската банка Креди свис. Во годишниот извештај на банката за глобалното богатство се наведува дека 100 милиони Кинези до средината на тековната година биле рангирани меѓу десет отсто најбогати на светот наспроти 99 милиони граѓани на САД

Далас – Над 100.000 лица останаа без струја, а многу објекти се оштетени во налетот на силното торнадо што го погоди Далас, соопшти националниот метеоролошки центар на САД. Засега нема информации за евентуални жртви.

Пјонгјанг – САД и Јужна Кореја мора да најдат нови решенија за ситуацијата на Корејскиот Полуостров, порача официјален Пјонгјанг. Севернокорејските власти предупредија дека непријателските позиции кон земјата ќе доведат до сериозни последици и нагласија дека Пјонгјанг досега вложил бескрајни напори за траен мир на полуостровот.

Сочи – Иднината на Сирија во голема мера ќе биде определена на денешната средба во Сочи, меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин, оценува Си-ен-ен и додава дека Путин, за разлика од американскиот претседател Доналд Трамп, имал план за Сирија. Американскиот медиум исто така смета дека Трамп сам се исклучил од целата ситуација со одлуката за повлекување на американските војници од регионот.

Вашингтон – Три војници настрадале, а тројца други се ранети во несреќа при обука во воената база Форт Стјуарт во американската сојузна држава Џорџија. Армијата на САД само соопшти дека војниците при несреќата се наоѓале во оклопно возило, без да открие повеќе детали. Базата Форт Стјуарт, која е основана во 1940 година, е најголем воен капацитет источно од реката Мисисипи.